
Водечката четворка со лесни домашни задачи
Актуелниот лидер Шкупи на Чаир го пречекува Тиквеш, еден од двата тима кои се на позицијата за баражот, па чаирчани, кои пролетва веќе еднаш го победија кавадаречкиот тим, се апсолутни фаворити зашто на својот терен досега само Шкендија успеа да ги остави без плен и да им земе бод во 12 пресметки.
Шкупи има 11 победи и едно реми дома, а сезонава трипати ги победи кавадарчани, на крајот на февруари со 3-2 и претходно двапати по 1-0 во првенството и во Купот. Тиквеш ќе се обиде да изненади, да освои барем бод во својата битка за спас, иако задачата ќе им биде ептен тешка најмногу и поради големата разлика во квалитет помеѓу двата тима.
Втората Академија Пандев е домаќин во Струмица на Скопје, кој на последното гостување беше торпедиран со 5-0 на 20 февруари, кога едно од неколкуте зимски засилувања Пепи Георгиев им даде три гола за пола час, па сѐ освен нова победа на Пандевци би било изненадување, на кое најмногу би се израдувале во Шкендија.
Ниту Шкендија не би требало да има поголем проблем со претпоследниот Борец во Тетово откако двапати лесно и убедливо со по три гола (3-0) славеше во првите два меча во оваа сезона, а црвено-црните имаат серија од четири победи по ред против велешани, кои последен пат изненадија во август 2020 со ремито 1-1, но оттогаш до сега тимот им е неколку класи послаб и тешко за верување дека може да издржат од налетите на фаворитот.
Македонија ЃП го пречекува последниот Пелистер во битка да победат за да останат близу ривалите за завршните битки за европските места, иако „лавовите“ имаат и втор фронт преку кој може да дојдат до излез во Европа, а тоа е Купот на Македонија. Пелистер пред две недели првпат победи сезонава, шансите да се спасат им се ептен минимални, но битолчани ќе се обидат секоја шанса да ја искористат и на ривалите да им ја отежнат работата.
Најизрамнетиот дуел е во Скопје на тренинг-центарот на ФФМ, каде Брегалница ќе ја пречека Ренова во пресметката на тимовите од првата половина на табелата.
ПРВА ЛИГА, 25. КОЛО (15 ЧАСОТ)
Шкупи – Тиквеш
Академија Пандев – Скопје
Шкендија – Борец
Македонија ЃП – Пелистер
Брегалница – Ренова
ВЧЕРА
Работнички – Струга Трим Лум 1-3 (0-1)
Рашо 61 – Јахја 13, Шабани 49 п., Џобе 81
ТАБЕЛА: Шкупи 58, А. Пандев 48, Шкендија 47, Македонија ЃП 43, Ренова 36, Брегалница 36, Струга ТЛ 33, Работнички 31, Скопје 22, Тиквеш 21, Борец 13, Пелистер 10.