
Вардар тргна победнички - Пелистер прими четири гола на Градски! (ВИДЕО)
Вардар од почетокот на мечот ја имаше иницијативата, но на првата сериозна шанса се почека до 18. минута кога Азер Омерагиќ убаво на гради прими една топка, но реализацијата му беше лоша, лесен плен за голманот Јовчевски.
Во 23. минута Мато се обиде со шут од далечина, но топката заврши крај голот на Пелистер.
Следуваа минути на битолскиот тим. Ристиќ излезе сам пред Талески, голманот на Вардар беше поуспешен, го одбрани неговиот удар.
Во 42. минута се обиде Ивановски од далечина, шутираше крај голот.
Кога се чинеше дека првото полувреме ќе заврши без голови, Омерагиќ убаво спушти една топка до младиот Данев кој даде гол за водство на Вардар од 1-0.
Во второто полувреме Вардар тргна кон втор погодок и тоа се случи во 50. минута, по додавање од Закариќ, Мато постигна прекрасен гол за предност од 2-0.
Изгледаше дека Вардар има апсолутна контрола на натпреварот, но во 66. минута Булатовиќ даде гол, Пелистер намали на 2-1 и комплетно се врати во игра.
Но не за долго, во 80. минута шоу на Димитар Данев, младиот фудбалер на Вардар даде и втор гол на натпреварот, уште поубав од првиот, црвено-црните поведоа со 3-1.
Точка на натпреварот стави Диего Кастенада со гол во судиското продолжение поставувајќи го конечниот резултат од 4-1.
Свое шоу на мечот имаа и Комити, на запад се славеше годишнина од формирање на подгрупата Лојал Фанс.