Васоски: За Вардар нема ништо лесно, мора да се намачиме за секоја победа!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар го победи Борец со 2-0 за да се врати на победничките патеки и да остане во мртва трка со Академија Пандев по 11 рунди во Првата лига, но за разлика од многу други победи на црвено-црните, оваа против новиот прволигаш беше извојувана со многу полоша игра.

Вардар даде два гола, запиша три бода, но фудбалерите не одиграа на ниво, без оглед што во најголем дел од мечот го контролираа, имаа посед, создаваа шанси.... После испуштената победа во Ѓорче, кога Вардар промаши три зицери за победа при 1-0, сега вардарци успеаа да дадат втор гол за да не се доведат во ситуација да треперат за триумф и погодија во момент кога Борец двапати опасно се закани.

„За Вардар нема ништо лесно. Нема лесен меч, јас на фудбалерите им каав дека вакви мечеви носат титула, зашто сите мислат дека ќе биде лесно, а Борец е коректен тим, далеку од слаб, зашто ги победи Шкупи, Шкендија, одигра низа добри мечеви. Јас им повторувам дека не е се така како што изгледа и јасно е дека за секоја победа мора да се намачиме. Заслужено победивме, иако можеби играта не беше на ниво на Вардар. Мислам дека ќе бидеме уште подобри во следните мечеви. Сега ќе влеземе во ритам, нас ни треба ритам, а овој меч и тој во Ѓорче, кој не го одигравме лошо, доаѓаат после пауза и некако тешко влегуваме во ритам после таква пауза“, вели Александар Васоски, кормиларот на вардарци.

Црвено-црните имаат седум победи од 11 меча, со 24 бода се лидери колку што има и Академија Пандев, која денеска ги растури „лавовите“ од Ѓорче, а Васоски по триумфот со Борец посочува дека Вардар мора да користи ситуации во противнапади и контри, посочувајќи дека првиот дел денеска неговите избраници тотално го преспале и покрај водството по само три минути игра.

„Не знам како да го опишам првото полувреме. Има екипи кои тешко е брзо да ги разбиеш, а ние дадовме ран гол и наместо тој погодок да ни даде крила, ние – застанавме. Буквално го преспавме првото полувреме, имавме многу грешки додавања. Во вториот дел некако легнаа работите, имавме шанси, дадовме уште еден гол и заслужено победивме. Но, имавме ситуации да дадеме уште еден-два гола и такви шанси Вардар мора да реализира. Имаме ситуации 4 на 1, 4 на 2 – тоа мора да се искористи. Работиме на таа психологија, не е сега тоа некоја трагедија, ама на секој меч ни се случуваат 10-15 минути на 'блекаут' и мислам дека не е до визичка исцрпеност, пред се мислам дека е психолошки, зашто се бориме за титула. Имаме млад тим, иако не се сите млади, но има процес кога се задоволуваме и мислиме дека сам од себе ќе се добие мечот“, посочува Васоски.

Вардар веќе за три дена го чека скопското дерби со Работнички, кој е непрепознатлив и во длабока криза.

„Не ме интересира кризата на Работнички, зашто ова е соседско дерби и тука криза-некриза нема. Тука се гине за секоја топка, секој меч е таков“, аврши Васоски.