Васоски: Не ме задоволува ремиво, но резултатот е најреален!

Вардар врза две ремија по ред на две незгодни гостувања во Тетово, па денеска во Ѓорче Петров, но црвено-црните после пет ипол години не успеаа да триумфираат и да се осамат на врвот после десетото првенствено коло.

Вардар имаше водство, шанси да го дотепа противникот, но трите зицери кои ги промаши кога Македонија ЃП се отвори и тргна по гол, на крај им се вратија како бумеранг за да бидат казнети од „лавовите“ и наместо со три бода да се задоволат само со бод.

„Искрено, не ме задоволува ремито, но ако се погледне целиот меч мислам дека овој резултат е најреален. На 1-0 имавме чисти ситуации за гол, кои голема екипа мора да ги реализира, а со 2-0 на Македонија ЃП ќе и беше многу тешко да се врати. Со тие промашувања го дигнавме противникот на психолошки план, по што ни дадоа гол по една наша индовидуална грешка. Но, тоа е – затоа фудбалот е интересен. Одиме понатаму, во среда нè чека нов меч. Не можам да кажам дека ова е неуспех за Вардар, ова сепак е тешко гостување. Им честитам на двете екипи за добрата игра. Коректна беше играта на ова дерби. Ние имавме повеќе посед во прво полувреме, иако немавме сто отстотни шанси, а Македонија ЃП се повлече да се брани. Второ полувреме на време отворивме и кога требаше да дадеме втор гол, за жал не дадовме и Македонија нè казни , па мора да живееме со тоа“, рече Александар Васоски по мечот.