Вардар во Ѓорче традиционално победнички минувал, а сега доаѓа по одмазда!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар попладнево (14.30 часот) гостува во Ѓорче Петров во дербито на десетото коло во Првата лига во обид да се врати повторно на лидерската позиција и да ја продолжи извонредната серија без пораз од десет меча досега, но и да му избега на најголемиот свој ривал за титулата Шкендија на двоцифрена предност (12 бода).

Македонија ЃП е единствениот тим кој сезонава успеа да го победи Вардар и тоа на стартот од првенството, кога „лавовите“ славеа со 2-0, а оттогаш црвено-црните во десет меча (два во Купот) немаат пораз и доаѓаат во Ѓорче Петров за да ја продолжат серијата на победи, но и да се одмаздат за поразот на почетокот од шампионатот.

Иако ѓорчепетровци секогаш биле „тврд орев“ за македонските прволигаши, Вардар во изминатите пет години традиционално победнички го минувал незгодното гостување, а само еднаш во шест меча во првенството не победил, на 26 март 2014 година (2-2). Во останатите пет меча, вардарци триумфирале, лани двапати со 3-1 и 2-0, а „лавовите“ единствено што успеале да слават против најтрофејниот наш клуб е во пријателски меч во август лани (3-0) и во Купот (2-1) во октомври лани.

Самиот факт дека се судруваат двата најефикасни клубови е добра најава за интересен и возбудлив меч, особено што октомвриското сонце уште повеќе им дава услови двата тима да одиграат поквалитетен меч од македонскиот фудбалски просек. Вардар во Ѓорче доаѓа и со низа проблеми, зашто Евгениј Новак има проблеми со коленото и веројатно нема да игра, Жуниор има проблем со задната ложа, која ја истегна пред две недели во дербито со Шкендија, а Даниел Аврамовски има температура, а плус Џемал Ибиши и Бојан Димовски од поодамна се во аут поради скршеници.

Работнички ја пречекува Струга Трим Лум на Националната Арена „Тодор Проески“, за дебармаалци првпат да врзат две победи сезонава и да излезат стигнат во помирни води после ужасните едвај 10 бода во воведните девет кола во сезоната. Стружани се екипа која сè досега освои дома, а не остави впечаток на посериозна екипа кога гостува.

Силекс е домаќин на Ренова каде кратовци ќе бараат бодови како и досега, сооглед дека сите девет ги освоија на свој терен, исто како и Борец кој се покажа како незгоден домаќин, иако последен во првенството досега, дочекувајќи го Шкупи. Велешани освоија бод со Вардар, три со Шкендија, бод со Работнички, па сега го дочекуваат чаирскиот клуб кој под палката на Ќатип Османи посакува триумф со кој уште повеќе би се зацврстиле во самиот врв на табелата.

ПРВА ЛИГА, 10. КОЛО (14.30 ЧАСОТ)

АРЕНА: Работнички – Струга Трим Лум

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Вардар

КРАТОВО: Силекс – Ренова

ВЕЛЕС: Борец – Шкупи

ВЧЕРА

Шкендија – Академија Пандев 0-1 (0-1)

Маслаќ 45+3

ТАБЕЛА: А.Пандев 21 (+1), Вардар 20, Македонија ЃП 15, Шкупи 13, Ренова 13, Шкендија 11 (+1), Работнички 10, Силекс 9, Струга Трим Лум 8, Борец 8.