Вардар официјално доби 3-0 против Воска, фудбалери на Гостивар казнети со по четири меча!

Натпреварувачката комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги објави одлуките од последната рунда натпревари, во кои најголемо внимание привлече службениот триумф на Вардар, како и дисциплинските мерки против играчи и официјални лица од Првата лига.

Натпреварот меѓу Воска и Вардар од 28. коло и официјално е регистриран со службен резултат 0-3 во корист на скопскиот тим, откако домашниот тим предвреме го напушти теренот. Натпреварувачката комисија донесе одлука клубот од Охрид да го предаде на Дисциплинската комисија и поради слаба организација, односно навредливо и недолично скандирање од страна на домашната публика. Дополнително, тренерот Арбри Клодиан и капитенот Агон Хани се предадени на дисциплинска постапка поради повикување на своите играчи да го напуштат натпреварот. Фудбалерот Дадет Амос Губам, пак, доби забрана за настап од еден натпревар.

Дуелот помеѓу Струга и Гостивар исто така резултираше со неколку санкции. Стружани се предадени на Дисциплинска поради слаба организација на мечот, а нивниот тренер на голмани, Дардан Мифтари, доби едномесечна забрана за вршење на функцијата. Кај гостиварци, физиотерапевтот Небојша Василевски доби идентична казна од еден месец, додека фудбалерите Диата Ассане и Аосман Аиас се суспендирани поради исклучувањата и тоа со по четири натпревари забрана за настап.

Фудбалерот на Работнички, Лука Робикадзе и играчот на Пелистер, Даниел Карчески, добија по една утакмица суспензија поради заработени жолти картони.