Вардар на незгодно гостување во Струга, „лавовите“ бараат излез од кризата во Велес

Актуелниот прволигашки лидер Вардар попладнево (13 часот) ќе го има првото од трите незгодни гостувања до крајот на есенскиот дел од сезоната, па ќе истрча на мегдан на дебитантот сезонава Струга Трим Лум, во 14-то коло од елитното натпреварување, кое ќе завршу утре со дербито на Националната Арена „Тодор Проески“ помеѓу Работнички и Шкендија.

Залетаниот Вардар веќе 12 меча нема пораз, па заслужено е лидер со пет бода во однос на Академија Пандев и 12 пред групата конкуренти за врвот Шкендија, Шкупи и изненадувањето Силекс во првата половина од табелата во прволигашкото друштво. Вардар доаѓа на мегдан кај Струга, која освои дома 11 од 15-те можни бода досега, но црвено-црните се единтвениот тим во лигата кој досега во Првата лига не загубил на гости и има 12 бода од можни 18, вклучувајќи и гостувања кај секогаш за нив тешките ривали Шкендија, Шкупи и Ренова.

Самиот факт што Академија Пандев, која е ослабена поради повредите на двајцата свои најдобри играчи и репрезентативци (Љупчо Дориев и Ѓорѓи Стоилов) гостува во Тетово кај Ренова, пред вардарци дури се отвора шанса да ја зголемат предноста на табелата и дури да исчекорат кон есенската круна, ако успеат да ја освојат Струга. Стружани доста ги намачија вардарци во Скопје, па само индивидуалниот квалитет на Даниел Аврамовски со асистенции и головите на Жуниор обезбедија триумф (3-0), иако на тој меч црвено-црните го одиграа најужасното полувреме во досегашната сезона.

Тешко дека неој можеше да претпостави дека пресметката на Силекс и Шкупи во завршница од есенскиот дел може да биде и битка за самиот врв, ама денеска овие два клуба ќе се судрат како екипи кои се веднаш зад најдобрите два, со по 18 бода. На последното гостување во Кратово, Шкупи со гол се извлече за да ги елиминира кратовци од Купот, па сега Силекс ќе бара одмазда со што би направиле сериозен чекор погоре на табелата за да потврдат дека се – сензација во есенскиот дел.

Македонија ЃП повеќе од еден месец е во сериозна криза и нема победа, а денеска доаѓа во Велес, на неосвоивата тврдина за македонските прволигаши досега, зашто Борец од шест домашни меча има четири победи и две ремија и сите 14 бода ги освои пред свои гледачи. Лошата форма на „лавовите“ е шанса за Борец за да ја продолжи извонредната домашна серија, но и ѓорчепетровци имаат своја сметка против претпоследниот тим да се вратат на победничкиот колосек и да излезат од кризата. Во спротивно, продлабочувањето на кризата практично би ги довело на самото дно, со исто бодовно салдо како велешани, иако пред нешто повеќе од еден месец, „лавовите“ беа втори на табелата.

Колото пред двонеделната репрезентативна пауза ќе го затворат Работнички и Шкендија во пресметка во која и на двата тима им требаат бодовите, па дури и реми би било рамно на пораз, особено ако денеска главните ривали запишат победи. Работнички неочекувано е на дното, Шкендија како најголем фаворит веќе има сериозна негатива од Вардар, па ова е најава за интересен и возбудлив меч, од чиј исход можно е евентуално поразениот повторно да западне во кризен период пред завршните четири кола од полусезоната.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО

КРАТОВО: Силекс – Шкупи

СТРУГА: Струга Трим Лум – Вардар

ТЕТОВО: Ренова – Академија Пандев

ВЕЛЕС: Борец – Македонија ЃП

УТРЕ

СКОПЈЕ: Работнички – Шкендија

ТАБЕЛА: Вардар 30 бода, А. Пандев 25, Шкендија 18, Шкупи 18, Силекс 18, Македонија ЃП 17, Струга ТЛ 15, Ренова 14, Борец 14, Работнички 11.