Вардар ќе биде „губитник на векот“ ако првенството не се продолжи!

Иако УЕФА инсистира за завршување на прекинатите национални шампионати поради пандемијата со коронавирусот, во Нион наводно како што објави „Сан“ веќе подготвиле и сценарио што ако сезоните не се доиграат и како би се одредиле клубовите за во европските купови за новата сезона и ја смислија – најглупавото можно сценарио.

Според информациите на дел од англиските медиуми, пред сè таблоидот „Сан“, кој се повикува на идеја што била соопштена како опција на вчерашната видео-конференција со националните федерации, ако се прекинат првенствата пласманот во Лигата на шампионите и Лига Европа би се одредил според коефициентот на клубовите на актуелната ранг-листа на УЕФА.

Според ваквото сценарио, ако македонската Прва лига не заврши, тогаш џабе Вардар после скоро две третини од лигата има 11 бода предност пред најголемиот ривал Шкендија, зашто одличната сезона на црвено-црните нема да биде наградена со настап во квалификациите во Лигата на шампионите. Вардар со коефициент 5.000 е далеку зад Шкендија, која има 7.250 и според сценариото, тетовци би избориле пласман во ЛШ, а скопските црвено-црни би играле во квалификаци за Лига Европа. Тоа што е уште потрагично од сценариово е што Шкендија до прекинот е дури третопласирана во Првата лига, со бод зад вториот Силекс, а дфоцифрено зад Вардар.

Тоа би значело дека тетовскиот клуб и сè уште актуелен првак на Македонија од никаде би добил најмалку 750 илјади евра приходи за настап ист како лани со само две рунди во европските купови, а Вардар практично би загубил половина милион евра сигурни приходи, зашто за едно коло ќе треба да се задоволи со нешто над 200.000 евра за едно коло.

Но, да е циркузот поголем во целото сценарио е фактот што вториот најтрофеен македонски клуб Работнички, кој сезонава води грчевита борба за опстанокот исто така екстремно би профитирал. Од клуб на кого му виси „прволигашкиот живот“, одеднаш би добил право дури да игра во Европа поради третиот најдобар рејтинг со 3.250 поени на сметка на Силекс, иако резултатски барем до прекинот, дебармаалци беа предалеку со дури осум бода зад кратовци. Поради тоа што ако се откаже сезоната, автоматски се откажува и Купот, Шкупи би добил шанса како четврти претставник, затоа што има коефициент 2.000 поради двата последователни излези на меѓународна сцена во изминативе две години. Настапот за чаирчани би бил на сметка на моментно четвртопласираната Ренова, која им бега два бода.

Но, освен во Македонија, „профитери на зелена маса“ ќе има безброј и низ Европа, па така Арсенал и Манчестер јунајтед, кои се далеку од места за ЛШ би профитирале на сметка на Лестер и ако остане суспензијата за Манчестер сити на сила. Во Италија, Рома и посебно Наполи, кој не е ни близу до ЛШ, би играле во елитата на сметка на одличните сезони на Аталанта и Интер. Во Франција е уште поурнебесно, Монако и Лион, кои имаат ужасни домашни сезони, би биле дел од ЛШ, на сметка на одличните Марсеј, кој е втор најдобар клуб во моментов и Рен, а еден Сент Етјен кој е три бода од испаѓање би добил пласман во Лига Европа.

Прашање е дали ваквата идела воопшто би поминала, зашто ќе предизвика огромно незадоволство кај голем дел од клубовите, а посебно во Македонија.