Вардар ја прегази Македонија ЃП пред очите на новиот тренер од Аргентина! (ВИДЕО)

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ја прегази Македонија Ѓорче Петров со 5-1 и тоа пред очите на новиот тренер од Аргентина, Кристијан Фабиани, кој мечот го следеше од ложата на Северната трибина.

„Црвено-црните“ ја пробија одбраната на „лавовите“ по половина час игра, кога Дарко Велкоски стрелаше за предност од 1-0, а до крајот на првиот дел погоди и Диего Кастањеда (2-0).

Хоакин Торес беше стрелец на третиот погодок за Вардар во 61. минута, а потоа погоди и Бобан Николов за убедлива предност од 4-0.

Иван Галевски потоа искористи една шанса за „лавовите“ и го постигна почесниот погодок за Македонија ЃП (1-4), додека Торес со вториот погодок ја запечати победата од 5-1.

Вардар е прв во домашната лига со 61 бод по 25 одиграни кола, додека зад нив следи Шкендија со три поени помалку. Македонија ЃП се наоѓа на 10. позиција со 23 бодови.