Вардар и Победа ремизираа пред 2.000 прилепчани на „Гоце Делчев“

Поранешните макеоднски шампиони, а сега второлигаши, Победа и Вардар ремизираа денеска 1-1 во пријателскиот меч како подготовка за новата сезона, одигран пред околу 2.000 прилепчани на стадионот „Гоце Делчев“, на кој после повеќе од четири ипол години повторно се стркала бубамарата.

Откако тргна да се реконструира прилепскиот стадион, сите најави беа дека брзо ќе се заврши, но наместо тоа, реконструкцијата на стадионот ептен заглави, па прилепчани долго време не можеа да го гледаат својот миленик во својот дом и кога дојде пресметката со црвено-црните, во најфудбалскиот град се собраа 2.000 луѓе и тоа среде лето.

Во интересен меч кој заврши со мал инцидент, за Вардар гол даде Стојковски по пола час игра, а експресно за четири минути израмни Анѓелески од слободен удар, но дури четири диреци погодија прилепчани на мечот.

Дуелот кој повеќе наликувал на првенствен, а не на пријателски, со неколку жолти картони и едно исклучување, во завршницата се прекина. После еден старт на средина на теренот, се случила мешаница со повече играчи од Вардар и Победа, реагирала бурно и домашната публика, летнале неколку шишиња, по што скопјани си заминале во соблекувална.