Вардар го победи Тиквеш и се врати на врвот, конечно се израдува и Пелистер!
Вардар и Тиквеш одиграа одличен натпревар, полн со шанси во кој кавадаречкиот тим му пружи силен отпор на фаворитот, но падна во последните десет минути.
Вардар рано го отвори резултатот, поведе со 1-0 уште во 19. минута со погодок на Чимбембе со удар надвор од шеснаесетникот. За него ова беше деби гол во првата лига.
Тиквеш изедначи со гол од пенал пред самиот крај на првото полувреме. По прегледувањето на ВАР снимката, судијата виде игра со рака од Најдовски по што покажа на белата точка за гостите. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Ивановски за 1-1.
Во второто полувреме Вардар имаше голема доминација, се редеа шанси преку Босанчиќ, Спахиу, Талевски, Бабунски... конечно во 81. минута Спахиу погоди за ново водство на црвено-црните, овојпат од 2-1.
Пет минути подоцна Мато погоди за 3-1 и ги реши сите дилеми околу победникот на овој натпревар.
Вардар со овие три бода се врати на првото место каде што еден ден престојуваше Струга.
Пелистер конечно ја прекина серијата од девет последователни натпревари без победа откако триумфираа со 1-0 над Брера.
Битолчани дојдоа во водство во 24. минута со гол на Керим по едно одлично нафрлување на Булатовиќ. Тоа беше и единствениот погодок на натпреварот.






