Вардар ги врати старите долгови, а новите сметки тропаат на врата! Дали клубот станува приватна касичка на Миленко?

Македонскиот фудбалски шампион Вардар влезе во нова криза. Но, овојпат проблемот не е егзистенцијален, како во најтешките второлигашки денови, ниту пак може да се објасни само со резултатите. Иако испаѓањето од евро-куповите и лошиот старт во Првата лига се доволен аларм, вистинската причина за загриженост лежи многу подлабоко – во начинот на кој клубот се води и организира од страна на неговиот извршен директор Миленко Неделковски.

Спогодбениот раскин со аргентинскиот тренер Кристијан Фабијани беше логичен развој на настаните кои претходеа со аматеризмот во одлуките и водењето на најтрофејниот клуб. Тренерот што беше неразумно доведен три месеци пред истекувањето на договорот на неговиот преходник Гоце Седлоски, си ги спакува куферите, ја заврши „македонската“ одисеја, си заработи бајаги парички, некои зли јазици ќе речат дека сујмата е шестоцифрена во евра и го остави македонскиот бренд на работ од бездната. Но...

Кој ќе одговара за неразумното трошење пари на спонзорите кои решиле да му помогнат на Вардар да излезе од кризата и да се вмеша во некое скалило погоре во европскиот фудбал?

Дали со Миленко Неделковски на чело, Вардар повторно влегува во спирала на трошење, само со нови имиња и нови сметки? Зашто едно е да ги враќаш старите долгови, и тоа со пари кои не си ги заработил, туку само добил на тацна, а сосема друго е во исто време да создаваш нови. И токму тука почнува приказната која навивачите на Вардар имаат право да ја знаат.

Старите долгови се враќаат, а новите растат?

Вардар конечно успеа да се ослободи од дел од товарот што со години го влечеше зад себе. Но, ако информациите за актуелните трошоци се точни (високи плати за најновите странски засилувања, бахатењето на сметка на клубот...), тогаш црвено-црните пак се движат по опасна линија.

Странските засилувања кои беа идеја на аргентинскиот тренер Фабијани не се евтина инвестиција. Напротив — станува збор за ангажмани со сериозни финансиски обврски, кои можат дополнително да ја испразнат клубската каса. Дали Вардар денес има финансиска сила да плаќа вакви суми и кој ќе одговара кога повторно ќе се појават долгови?

Вардар можеби е приватен клуб, но тоа не значи дека треба да стане приватна играчка. Тој е клуб со огромна историја, најголема навивачка база и одговорност кон јавноста.

А токму третманот кон странските фудбалери (читај: скапи автомобили и големи месечни суми за луксузирање) наидува на гнев кај останатите во екипата. По која логика и кој ја донел таа одлука? Кој проценил дека тоа е неопходен трошок за функционирањето на првиот тим?

И, најважно, дали ваквите трошоци се во интерес на Вардар или во интерес на поединци?

Вардар полека станува клуб без контрола, најопасната работа во целата приказна не е еден автомобил. Не се ниту едно странско засилување, ниту еден одмор од пет дена, кој несфатливо за професионалниот фудбал го имаа играчите пред дербито со Шкендија.

Проблемот е моделот на управување. Ако од една страна се зборува дека старите долгови се расчистуваат, а од друга страна истовремено се создаваат нови, високи финансиски обврски, тогаш навивачите имаат целосно право да прашаат: Зошто толкава автономија во одлуките на извршниот директор и кој ќе одговара ако сметката повторно стане преголема?

Вардар веќе еднаш ја плати цената на неодговорното управување, а навивачите не треба повторно да бидат тие што ќе го спасуваат клубот.

Од Миленко Неделковски не треба да се бараат убави зборови и големи најави. Треба да се бараат бројки, договори, план и резултати, зашто Вардар не се води со ентузијазам, со скапи, но извикани странци и не се води со приказни. Вардар се води со одговорност.

А ако цената на ова ново „Вардарово будење“ повторно биде нов долг — тогаш прашањето нема да биде кој ја освоил титулата.

Прашањето ќе биде: Кој ќе ја плати сметката?