Вардар: ФФМ целосно потфрли, доаѓајте масовно во Струмица - гарантираме влез во стадионот!

Фудбалскиот клуб Вардар продолжи со протестите упатени кон ФФМ пред утрешниот бараж за опстанок во Првата лига, против Детонит, во Струмица.

Уште на почетокот од оваа недела, „црвено-црните“ и нивните навивачи „Комити“ алармираа за начинот на кој се продаваат влезниците за натпреварот и го изразија негодување поради тоа што не може да се дојде до билет онлајн. И покрај сите проблеми при купувањето, Вардар ги уверува своите фанови дека утре ќе влезат на стадионот во Струмица.

„До клубот постојано пристигнуваат поплаки дека во голем дел од продажните места, билетите воопшто не се достапни. 

Свесни сме дека ФФМ не само што организациски целосно потфрли, туку веќе станува и повеќе од јасно дека зад сево ова стои единствено намерата, во Струмица да има што е можно помал број на навивачи на Вардар.

Како клуб никогаш нема да дозволиме поигрување со огромната армија на наши навивачи, затоа упатуваме апел за масовно присуство пред стадионот. Ние сме гаранција дека сите ќе влезат на стадионот.

Оваа борба, искрено и чесно заедно ја започнавме, заедно и ќе ја завршиме. Утре мора да победи правдата!

Да не дозволиме лошите и аматерски одлуки на ФФМ да не поколебаат пред  најважната битка. Црвено-црната утре сепак ќе доминира!

Северната трибина е наменета за нашите навивачи, а продажба на билетите ќе се врши утре(недела 26 мај) пред стадионот.

Силата на нашите навивачи е голема и искрено апелираме никој да не се ни обидува утре да ја тестира“, стои во соопштението од ФК Вардар.