Скопско дерби под рефлектори, Вардар на Градски ја пречекува Македонија ЃП

Вечерва со почеток од 19 часот на Градскиот стадион во Скопје, Вардар ќе ја пречека Македонија Ѓорче Петров во рамките од петтото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Денеска со два натпревари се отвора новото коло во ПМФЛ, најпрво од 15:30 часот Шкендија е домаќин на Башкими, а потоа следува дербито, Вардар против Македонија ЃП, дуел кој се игра во вечерен термин.

Вардар во овој дуел ќе влезе како голем фаворит, момците на Гоце Седлоски ја научија лекцијата од дуелот со Брера, па мора да имаат максимално сериозен пристап против лавовите од Ѓорче Петров за да дојдат до трите бода, без разлика како изгледаат работите на хартија.

Македонија ЃП во новата сезона влезе со три последователни порази, но во колото пред репрезентативната пауза го совладаа Пелистер со 2-1, а тој триумф ќе влијае позитивно на самодовербата на играчите на Бобан Грнчаров кои ќе се обидат непоразени да го напуштат градскиот стадион.

По четири одиграни кола Вардар е на третото место на табелата со десет освоени бодови, Македонија ЃП е седма со три бодови.

ПМФЛ 5. коло:

Петок
Шкендија - Башкими 15:30
Вардар - Македонија ЃП 19:00
Сабота
Брера - Шкупи 15:30
Силекс - Работнички 15:30
Недела
Струга - Тиквеш 15:30
Пелистер - Арсими 19:00