Скопје и Тиквеш ремизираа на скопскиот пекол
Тимот од Автокоманда пропушти можност да дојде до првата победа во сезоната и со два освоени бода досега остана во зоната за испаѓање. Тиквеш, пак, првпат ремизираше во првенството и се уште е во борба за висок пласман.

Со оглед на тешките временски услови и пеколот кој владее во Скопје деновиве, на фудбалерите им беше мошне тешко да покажат што знаат на овој меч. Темпото беше бавно, без многу шанси, па дури и двата гола се многу за играта на екипите.

Скопје дојде во водство во 34. минута преку Антонио Божиновски, најавувајќи дека ќе се бори за целиот плен на овој натпревар. На почетокот на вториот дел, гостите ја затресоа мрежата на противникот тим, преку Гуџуфи, но тој гол беше поништен поради офсајд.

Конечниот резултат го постави Сила од пенал во 70. минута откако претходно со рака играше Папули. До крајот на мечот Скопје имаше две шанси за победа, но не ги искористи и мораше да се задоволи со бод.

Во петтото коло, идниот викенд, Скопје ќе гостува кај Арсими, додека Тиквеш на домашен терен ќе го пречека шампионот Вардар.

