Вториот најтрофеен македонски клуб Работнички најави победничка пролет и сосема поинаков лик од есенската мизерија, откако ја освои Струга и запиша голема победа со 1-0 за да им се приближи на конкурентите, а големи триумфи во битка за Европа запишаа Силекс и Шкупи во денешното воведно пролетно 19-то коло во Првата лига.

Екстра талентираниот Давид Тошевски со гол во 35-та минута од мечот му донесе голем триумф и официјално победнички деби на клупата на новиот кормилар Ратко Достаниќ, па со трите бода Работнички сега им се приближи на Ренова и Борец во битката да излезе од дното. „Романтичарите“ остануваат последни, но триумфот на незгодниот терен кај Струга Трим Лум е добра најава и победа за голема самодоверба во продолжението во сезоната во која сооглед на изедначеноста во квалитетот, дебармаалци не се далеку ниту од местата кои водат во Европа, но за такво нешто ќе им треба да фатат сериозен победнички ритам.

Шкупи се измачи со Борец, па во очајната пресметка без многу шанси, без многу идеја и со премногу грешки, па дури во завршните десет минути од мечот домачќините на Чаир успеаа да стигнат до прв пролетен триумф. Најискусниот фудбалер на чаирчани, Муарем Бајрами постигна гол по корнер во 80-а минута за да ја најави победата, а Бесир Исени во судиското надополнување само ја запечати. Шкупи со победата сега е на само два бода од четвртата Академија Пандев, која денеска загуби од Шкендија во дербито со 1-2, а со тоа Силекс по триумфот во Тетово кај Ренова се искачи на третото место.

Кратовци со евроголот на Бурхан Мустафов минута пред крајот на полувремето стигнаа до триумф во Тетово кај Ренова за да продолжат каде што застанаа есеноска, па иако сите им предвидуваа грчевите битка за опстанокот, тие се вистински хит и сериозен кандидат за излез на меѓунардона сцена летово.

Актуелниот лидер Вардар вчер на отворањето на пролетната полусезона славеше со 3-1 во скопската пресметка со Македонија ЃП со 3-1 и остана со осум бода повеќе од главниот конкурент за титулата Шкендија.

ПРВА ЛИГА, 19-ТО КОЛО

Академија Пандев – Шкендија 1-2 (1-1)

Миловановиќ 5 – Алими 23, А. Ибраими 55

Шкупи – Борец 2-0 (0-0)

Бајрами 80, Исени 90+2

Струга Трим Лум – Работнички 0-1 (0-1)

Тошевски 34

Ренова – Силекс 0-1 (0-1)

Мустафов 44

ВЧЕРА

Вардар – Македонија ЃП 3-1 (1-0)

Жуниор 37, Ибиши 50, Цветановски 59 – Карвалјо 67

ТАБЕЛА: Вардар 39 бода, Шкендија 31, Силекс 30, А. Пандев 27, Македонија ЃП 26, Шкупи 25, Струга Трим Лум 24, Борец 20, Ренова 19, Работнички 18.