Шкендија ја освои Струмица со пресврт: Захов спречи нов кикс на првакот!

Актуелниот македонски шампион Шкендија ѝ се одмазди на Академија Пандев за двата есенски порази па попладнево во Струмица славеше со пресврт со 2-1 во дербито на 19-то коло, за да се врати на негативата од осум бода во однос на актуелниот лидер во Првата лига, Вардар, кој вчера победнички тргна во пролетната полусезона со триумфот со 3-1 против Макеоднија ЃП.

На ужасниот и катастрофален терен на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, Шкендија успеа да се избори за победнички пролетен старт, па конечно да освои бодови против струмичани, откако есеноска двапати загуби во меѓусебните пресметки, но херој на мечот на крајот излезе голманот Костадин Захов со интервенцијата со која спречи реми.

По само пет минути од стартот на мечот поинаква најава имаше мечот, откако Дејан Миловановиќ ја погоди тетовската мрежа на асистенција на Љупчо Дориев, но, Пандевци по голот застанаа и ја препуштија иницијативата и играта на Шкендија, па брзо дојде и израмнувањето. Во 23-та минута преку Арменд Алими на центаршут на Агим Ибраими израмни, а бившиот репрезентативец погоди од пенал десет минути во вториот дел за практично да ја обезбеди победата. И голот за победа за Шкендија дојде како подарок, зашто од ништо Шкендија стигна до пенал кој го изнуди Бесарт Ибраими, откако домаќините загубија топка во опасната зона, а требаше само едноставно да ја исфрлат.

Пред да дојде Шкендија во водство, Самир Фазли имаше колосална шанса за гол, а потоа Ндуе Мујеци возврати со промашување на сторивната страна за водство на пандевци, па на крај сè реши двоецот Ибраими. По водството на Шкендија, струмичани се обидоа да стигнат барем до израмнување, но не направија ништо посебно, освен еден опасен удар над голот на Сашко Пандев, сè до 94-та минута кога Захов со бравурозна интервенција спаси израмнување и нов кикс на тетовци по ударот на Мујеци.

Во следното коло идната недела и двата денешни ривали гостуваат, Академија Пандев оди на мегдан во Ѓорче Петров кај Македонија ЃП, додека Шкендија му гостува на Силекс во Кратово.