Актуелниот лидер и најтрофеен македонски клуб Вардар победнички тргна во пролетната офанзива за 11-та шампионска титула во домашната елита, после денешниот триумф со 3-1 против Македонија ЃП на отворањето на втората полусезона во Првата лига. Вардар со оваа победа привремено избега на 11 бода барем на 24 часа од ривалот Шкендија, која утре гостува во Струмица кај Академија Пандев во дербито на 19-то коло.

Црвено-црните денеска успеаа да им се одмаздат на „лавовите“ за есенските два меча (Македонија ЃП освои четири од шесте бода), па иако беа и без првата ѕвезда Даниел Аврамовски (суспендиран) успеаа на најубав можен начин да ја отворат пролетта, и тоа со голови во вистински момент на Жуниор, Џемал Ибиши и Матеј Цветановски, па за еден час игра да ја завршат работата за стартни три бода.

Жуниор од првата шанса и првиот директен удар кон голот на Марко Јовановски погоди за водство во 36-та минута, откако сета работа мајсторски со два дриблинзи ја заврши Матеј Цветановски, па на бразилскиот лев бек му остана само рутински да реализира. Повеќе од пола час претходно Вардар беше без идеја, не знаеше да го скрши двојниот блок на гостите, кои очигледно беа дојдени со цврста дефанзива и брзи противнапади да се изборат за добар резултат. До голот на Жуниор, Филип Гачевски имаше маестрална одбрана по ударот на Боби Божиновски, а уште двапати вардаровиот чувар на мрежата беше на висина на задачата по опасни центаршутови.

И за 15 минути од почетокот на вториот дел Вардар ја скрши Македонија ЃП со два гола, прво преку Џемал Ибиши во 50-та, а потоа и Матеј Цветановски погоди во 60-та, за сигурен и моќен триумф на македонската фудбалска гордост. Ако, Вардар есеноска мака измачи со реализацијата, па поради таа бодовното салдо остана само на осум плус пред Шкендија, денеска вардарци беа максимално ефектни за да стигнат до воведен триумф.

„Лавовите“ преку Едуардо Карвалјо во 67-та минута успеаа да постигнат почесен гол, па се залетаа и притиснаа во обид да се вратат, имаа и неколку шанси за да ја направат завршницата уште поинтересна, но оставаа многу простор за противнапади на домаќниот, но вардарци не успеаа да го искористат сето тоа за уште поубедлив триумф.

Следен меч на Вардар е идниот викенд во Велес против Борец, каде есеноска ремизираа без голови, додека „лавовите“ ја чекаат Академија Пандев во пресметката на ланските финалисти во Купот.