Македонскиот првак Шкупи ја отвори својата прволигашка сезона со победа откако паузираше во минатото воведно коло, па денеска со триминутен блицкриг на средина од вториот дел, ја добија „суперкуп“ пресметката со освојувачот на Купот, Македонија ЃП, победувајќи со 2-1 на Чаир на отворањето на второто прволигашко коло.

„Лавовите“ повеќе од еден час одолеваа на Чаир, но и Шкупи не беше конкретен до 60-та минута, по што Валид Хамади имаше две одлични шанси кои не ги реализира во силниот притисок, по што Кристијан Трапановски ја начна мрежата после корнер и со удар со глава од мртов агол во 67-та минута, а Реналдо Цепас во 70-та ја дуплираше предноста за практично да ја обезбеди првата сезонска победа за првакот.

Доцна ѓорчепетровци се разбудија, а надежта дека ќе останат непоразени ја врати Емир Скендери три минути пред крајот, па се обидуваа „лавовите“ во завршницата да стигнат и до втор гол и израмнување, но чаирчани знаеа да се одбранат, а само лошата реакција во завршницата не донесе поубедлив триумф.

За Шкупи победата е добредојдена за да се врати самодовербата на тимот по три европски порази во низа и елиминацијата од ирски Шамрок во третото коло во Лига Европа, па сега со победничка атмосфера чаирчани го дочекуваат првиот меч во четврток со косовски Балкани во плејофот за пласман во групите во Конференциската лига.