Шкупи и Пандевци со лесни задачи, „дерби за Европа“ во Тетово

Двата најдобри македонски прволигаши моментно, лидерот Шкупи и втората Академија Пандев денеска би требало да ги имаат најлесните задачи во ова 14-то коло во домашната елита, зашто како домаќини ги пречекуваат давениците од опасната зона Пелистер односно Тиквеш, па сѐ освен нови триумфи би било вистинска сензација.

Чаирчани играат против најслабиот тим во лигата Пелистер, кој нема победа и прашање е дали воопшто до крајот на есенва ќе успеат да триумфира, па после шокот во Ѓорче Петров, пред „гулабите“ сега е императив да победат и да се вратат на победничкиот колосек, а разликата во квалитет е неколкукратно на нивна страна. Прашањето за победникот и не би требало да биде доведено во прашање, но Шкупи ќе мора да одигра максимално и без потценување ако сака бодови за да остане најмалку на оваа дистанца на која е сега пред Пандевци.

Струмичани барем на хартија имаат нешто потешка задача од Шкупи, зашто против сеге го имаат Тиквеш, но и во овој дуел квалитетот е на страна на второпласираниот тим, а адутот број еден е Мартин Мирчевски кој импресионира есенва со 13-те гола или во просек по еден на меч, па кавадарчани ги чекаат тешки 90 минути во обид да го запрат.

Дербито на колото е во Тетово, каде Шкендија ја пречекува незгодната Брегалница во „пресметка за Европа“, зашто актуелниот првак сериозно заостанува во трката после досегашната сезона во која играат топло-ладно, па триумф ссекако би ги одвел во самиот врв и конечно би дошле до позициите за меѓународната сцена.

Но, штипјани освен на Чаир, досега покажаа дека се тврд орев и дека тешко се победуват, па Шкендија ќе треба добро да се испоти за триумф, но овој меч ќе покаже и колку под Шара работеле на подобрување на играта во овие две недели од репрезентативната пауза.

Борец во Велес ја пречекува Ренова во обид после подолго време да дојде до бодови и евентуално повторно да излезе од најопасната зона, додека „гипсарите“ посакуваат триумф за излегување од мини-кризата со два порази и реми на последните три меча. Борец има четири порази од последните пет дуели, па покрај закованиот на дното Пелистер се единствени сѐ уште со едноцифрен број на бодовното салдо.

Неизвесна пресметка ќе има во Струга, каде Струга Трим Лум го дочекува Работнички, два тима кои имаа поголеми амбиции, а се на три односно два бода од зоната за баражи, па императив да се освојат бодови има и кај двата тима и тоа е најава дека мечот може да донесе многу возбуда.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО (13 ЧАСОТ)

Академија Пандев – Тиквеш

Борец – Ренова

Шкендија – Брегалница

Шкупи – Пелистер

Струга Трим Лум – Работнички

ВЧЕРА

Скопје – Македонија ЃП 1-2 (0-0)

Јашароски 58 – Емини 67, 77

ТАБЕЛА: Шкупи 29 бода, А. Пандев 25, Ренова 22, Брегалница 22, Шкендија 21, Македонија ЃП 20, Струга ТЛ 19, Работнички 18, Скопје 16, Тиквеш 10, Борец 8, Пелистер 4