Шкендија влезе во историјата: По 25 години пак има тим со 100 гола во сезона во Македонија!

Новиот македонски шампион Шкендија се запиша во историјата на македонскиот фудбал како втор тим кој успеал во една сезона да стигне до 100 гола, откако денеска против Пелистер во последното коло во Првата лига ја минаа магичната граница.

Шкендија по 25 години е првиот тим кој успева да стигне до 100 гола во сезона и да се запише во историските книги. Прв и единствен досега беше Вардар со својата доминантна генерација во првата сезона од независна Македонија, кога црвено-црните дадоа 119 голови на патот до шампионската титула без пораз.

Шкендија на Пелистер му даде четири гола, од кои два погоди капитенот Ферхан Хасани, а по еден Мевљан Адили и Стенио Жуниор, како најава дека тетовци и в среда нема да пропуштат шанса да им се одмаздат на битолчани за загубениот куп-трофеј лани, па сезонава ќе слават „двојна круна“. Со овие четири гола Шкендија сега има 101 погодок во оваа сезона.

Шкендија сезонава доминантно стигна до шампионската титула, втора во својата историја откако буквално ги прегазија сите ривали во прволигашката конкуренција, а работата им ја олесни и главниот ривал Вардар кој со бојкотот со младинци практично и се откажа од трката за титулата. Шкендија на полусезоната имаше осум бода пред Вардар, а сезоната ја завршува со 35 пред скопските црвено-црни.