Македонскиот првак Шкендија запиша лесна победа за едно полувреме, Македонија ЃП се спаси од пораз од Ренова за да ја прекине серијата на порази, а Пелистер и по девет кола во прволигашката конкуренција не успеа да победи, во оваа девета рунда во елитата која ќе заврши утре со скопската пресметка на Чаир помеѓу Шкупи и Работнички.

Ермедин Адем со гол од пенал извади бод за Македонија ЃП во Ѓорче Петров за да ја спречи Ренова да дојде до четврта победа во низа, па „лавовите“ ја прекинаа серијата од три порази по ред и ова реми е почеток за излез од кризата во која западна бившиот македонски првак.

Матеус се избори за удар од белата точка, а Адем го реализираше пеналот за да израмни, откако Виктор Серафимовски по 11 минути во вториот дел ѝ донесе водство на Ренова.

„Гипсарите“ барем на еден ден ќе преноќат како лидери со 18 бода, еден пред Шкупи, а три пред работнички пред пресметката утре попладне од 15 часот на Чаир на двата скопски ривали, по што ќе следува двонеделната пауза поради мундијалските квалификации.

Актуелниот македонски шампион Шкендија за едно полувреме го прегази Борец за да запише лесна и убедлива победа со 3-0 за да фати приклучок со врвот на табелата и да дојде до петтото место, а и да се врати на победничкиот колосек.

Повремениот репрезентативец Љупчо Дориев со гол и изнуден пенал за само 12 минути практично го реши мечот, а Синдрит Гури даде два гола вклучувајќи го и пеналот за тетовци набрзина да ја завршат работата и да стигнат до 14 бода на контото.

Марјан Алтипармаковски ја реши „својата“ Струга со гол во петтата минута од мечот за да ѝ донесе нова домашна победа на Брегалница. Алтипармаковски летово дојде во Штип, после една сезона мината кај стружани, каде беше еден од најдобрите фудбалери, а и сега се покажува дека е еден од клучните фудбалери на Брегалница, која со победата дојде до 13 бода на контото.

Струга во самиот финиш, секунди пред крајот немаа среќа, па ја погодија пречката и не успеаа да се спасат од поразот во Штип, кој е втор за нив во последните три меча и стружани сега бодовно се израмнети со штипјани на табелата.

Скопје и Академија Пандев ремизираа без голови на „Железарница“ во меч на кој двата тима повеќе ја измачија топката одошто одиграа фудбал, па за час и половина премалку возбудувања имаше пред двата гола, а уште помалку вистински шанси, а најголемата ја имаше Христијан Кировски по еден час игра. За амбициозните пандевци ова е трет меч во низа без триумф, но денеска одиграа уште поразочарувачки зашто не направија ни една конкретна шанса, па со една победа имаат во последните пет меча струмичани веќе се во мини-криза.

Пелистер и по девет кола останува единствен прволигаш без победа, после ремито без голови со Тиквеш на „Тумбе Кафе“, па за битолчани ова е четврти бод сезонава и остануваат на самото дно на табелата, а кавадарчани со два повеќе се пред нив.

ПРВА ЛИГА, 9. КОЛО

Брегалница – Струга Трим Лум 1-0 (1-0)

Алтипармаковски 5

Македонија ЃП – Ренова 1-1 (0-0)

Адем 87 п. - Серафимовски 56

Пелистер – Тиквеш 0-0

Скопје – Академија Пандев 0-0

Шкендија – Борец 3-0 (3-0)

Дориев 5, Гури 12, 39

УТРЕ, 15 ЧАСОТ

Шкупи – Работнички

ТАБЕЛА: Ренова 18, Шкупи 17 бода (-1), Работнички 15 (-1), А. Пандев 15, Шкендија 14, Струга ТЛ 13, Брегалница 13, Македонија ЃП 10, Скопје 9, Борец 7, Тиквеш 6, Пелистер 4.