Шкендија по 25 години пауза на чекор да биде прв тим со 100 гола во сезона!

Новиот македонски шампион Шкендија в недела против последниот Пелистер ќе има шанса да се запише во историјата на македонскиот фудбал како прв тим по 25 години пауза, кој успеал да стигне до магична граница од – 100 гола во сезона. Прв и единствен со помината граница од 100 гола во сезона е првата шампионска генерација на Вардар во независна Македонија.

Тетовци во оваа сезона во првата лига доминираа и буквално се прошетаа до шампионската круна, иако на пола од првенството имаа само осум бодови предност пред најголемиот ривал Вардар, која сега на коло пред крајот изнесува неверојатни 32 бода. И тетовци против Пелистер, дуел што е најава за финалето во Купот на Македонија три дена подоцна треба да дадат три гола за да стигнаат до таа магична граница, затоа што досга постигнаа 97 погодоци во сезонава.

Ако црвено-црните успеат трипати да ја погодат мрежата на Пелистер и тоа на домашен терен, кога патем и ќе го добијат шампионскиот пехар како круна за шампионската титула сезонава, Шкендија ќе стане само вториот тим во историјата на македонскиот фудбал на кого му успеало да даде 100 гола во сезона. Прв и единствен досега беше Вардар и неприкосновена генерација од воведната сезона во независна Макеоднија, која ја освои „двојната круна“ во тимот со Саша Ќириќ, Саше Милошевски, Жанко Савов и останатите фудбалери. Имаа неверојатна сезона со 119 постигнати голови и титула освоена без пораз. Оттогаш дури 25 години, ниту еден клуб не успеа да стигне ни близу стотката, а сега Шкендија има шанса да ја достигне и да се запише во историјата.

СИТЕ ШАМПИОНИ И НИВНИОТ ГОЛГЕТЕРСКИ УЧИНОК

1992/93 – ВАРДАР – 119 гола

1993/94 – ВАРДАР – 85 гола

1994/95 – ВАРДАР – 79 гола

1995/96 – СИЛЕКС – 74 гола

1996/97 – СИЛЕКС – 81 гол

1997/98 – СИЛЕКС – 40 гола

1998/99 – СЛОГА Ј. – 41 гол

1999/00 – СЛОГА Ј. - 55 гола

2000/01 – СЛОГА Ј. - 61 гол

2001/02 – ВАРДАР – 46 гола

2002/03 – ВАРДАР – 73 гола

2003/04 – ПОБЕДА – 78 гола

2004/05 – РАБОТНИЧКИ – 66 гола

2005/06 – РАБОТНИЧКИ – 64 гола

2006/07 – ПОБЕДА – 73 гола

2007/08 – РАБОТНИЧКИ – 51 гол

2008/09 – МАКЕДОНИЈА ЃП – 46 гола

2009/10 – РЕНОВА – 45 гола

2010/11 – ШКЕНДИЈА – 65 гола

2011/12 – ВАРДАР – 50 гола

2012/13 – ВАРДАР – 71 гол

2013/14 – РАБОТНИЧКИ – 66 гола

2014/15 – ВАРДАР – 56 гола

2015/16 – ВАРДАР – 67 гола

2016/17 – ВАРДАР – 75 гола