Шкендија и Работнички бараат излез од кризата, а Вардар да се врати на победничкиот колосек

Силекс и Борец се единствените два македонски прволигаши после 10 првенствени кола во новата сезона, кои сите бодови досега си ги освоија исклучиво на домашен терен, па на гостувањата имаат само „нули“ и денеска во вонредната 11-та рунда ги имаат најтешките можни гостински пресметки, кај двата најдобри клубови во изминативе пет години Шкендија односно Вардар.

Актуелниот шампион Шкендија никако да влезе во вистински колосен, а таман се залетаа со три победи, повторно се во нова криза – три меча без триумф. И сега им доаѓа Силекс во Тетово, еден од четирите клубови што сезонава им го земаа скалпот. Академија Пандев успеа двапати во два меча, Силекс тоа го стори во второто коло од новата сезона, а уште Борец и Шкупи се израдуваа против шампионот.

Но, тоа што Шкендија најмногу треба да ја загрижува е фактот дека и со третиот тренер Ернест Ѓока ништо фудбалски не напредуваа, најмалку во играта. Повторно иницијативата јалова, шанси едвај се создаваат, а со тоа и резултатите се под секое ниво за клубт кој две години е доминантен шампион и на хартија го има најмоќниот тим. Кратовци се надеваат дека може да изненадат, исто како и пандевци, да го искористат ужасот во формата на тетовци за да им ја продлабочат и онака длабоката криза.

Од 2010 година наваму, Силекс дури во мај годинава првпат освои бод во Тетово. Дотогаш сите мечеви беа лесна победа за црвено-црните, а на 8 мај во самиот финиш од сезоната, кога беше јасно дека титулата останува под Шара, кратовци се израдуваа на реми без голови. Прашање е сега дали имаат сила за уште поголем шок – да ја урнат Шкендија на нејзин терен? Последен пат такво нешто направиле на 23 април 2008 година или пред 11 ипол години.

Вардар го дочекува Борец во обид да се поправи за испуштеното во Ѓорче Петров, но и да се врати на победничкиот колосек после две ремија во низа. Пред два месеци во Велес, вардарци промашија низа зицери за реми без голови, но сега ќе мора да реализираат ако сакаат да останат на врвот на табелата, иако против себе имаат ривал кој не е така „лесен залак“, па брз гол за црвено-црните ќе значи полесна задача во текот на мечот. За разлика од Ѓорче Петров, сега вардарци ќе мора да бидат и поконцентрирани во завршницата за да не си направат проблем во клучниот период во кој треба да останат во добра форма, зашто им следи соседско дерби со ужасниот Работнички, па реванш куп-дербито со Шкендија и пресметка со секогаш незгодната Ренова на свој терен во првиот викенд од идниот месец.

Во ова коло на програмата се две дербија, првото во Струмица каде Академија Пандев ја пречекува Макеоднија ЃП, а второто на Чаир, каде Шкупи е домаќин на последниот Работнички, кој со нов тренер во Марјанчо Андрески ќе се спасува од дното.

Академија Пандев има три победи дома во три меча со „лавовите“, но денеска пресметката ќе биде далеку пожестока и поизедначена помеѓу финалистите од ланскиот куп, кои во првиот сезонски меч одиграа досадна пресметка речиси без шанси и без голови.

Шкупи цели две години не се израдувал на победа со Работнички пред своите гледачи, во минатата сезона го загубија последниот меч со 1-2, но се одмаздија на Арената во спектакуларно финале на сезоната за да обезбедат европски настап. Сега, на Работнички му гори под нозе, а Ќатип Османи посакува три бода за да се извади за шокантниот пораз во Велес во судиското надополнување.

Во последниот меч од ова коло, Струга Трим Лум посакува да врзе две победи после освојувањето на трите кај дебармаалци, а „гипсарите“ повторно да излезат од кризен период по два порази во серија.

ПРВА ЛИГА, 11. КОЛО (14.30 ЧАСОТ)

ТЕТОВО: Шкендија – Силекс

СТРУМИЦА: Академија Пандев – Македонија ЃП

АРЕНА: Вардар – Борец

ЧАИР: Шкупи – Работнички

СТРУГА: Струга Трим Лум – Ренова

ТАБЕЛА: Вардар 21, А. Пандев 21, Македонија ЃП 16, Шкупи 13, Ренова 13, Силекс 12, Шкендија 11, Струга ТЛ 11, Борец 11, Работнички 10