Шкендија гол нема дадено, ама оптимисти се: Добро играме, само да почне да погодуваме!

Македонскиот шампион Шкендија сѐ уште нема дадено гол летово во Европа, после 270 минути и три меча има вкупни 0-8, па утре ако сака да се надева дека може да го мине вториот квалификациски филтер во Конференциската лига, ќе мора да погодува, ама за најмалку продолженија им требаат барем два гола.

Тетовци имаат негатива од 0-2 после „првото полувреме“ со Рига и сега како домаќини ќе се обидат да ја надополнат негативата. За пласман треба да победат со три разлика, за продолженија два, а сѐ послабо од тоа ќе им ја заврши европската авантура.

И иако досега не покажаа преголем квалитет и капацитет за поголем дострел, тренерот Ернест Ѓока останува оптимист и убеден е дека утре ќе се случи пресвртница и дека со триумф ќе се обезбеди третото коло каде ги чека малтешки Хибернијанс за противник.

„Посакуваме пласман во следното коло. Јас верувам во карактерот на овие момци и во нивниот квалитет и очекувам утре да биде пресвртница. Во Рига игравме фудбал, но не дадовме гол и сега е време работите да се поправат. Реализацијата треба да се промени и поправи, зашто реално не играме лоши. Сега е време да почнеме да погодуваме, да даваме голови“, вели Ѓока.

Рига е во подобра ситуација зашто Шкендија ќе мора да тргне подотворено и да напаѓа, а тоа е простор за противнапади и секој примен гол ќе биде чекор наназад во амбициите да се помине оваа пречка, иако повеќе головите на гости не важат како правило.

„Бруно Дита е во аут, не успеавме да го спремиме за утрешниот меч. Овој дуел е специфичен, зашто резултатот ни наложува да нападнеме, а тоа е шанса и простор за контрите на Рига, но мислам дека сме подготвени да одговориме како што треба“, додава Ѓока.

Дуелот на Националната Арена „Тодор Проески“ стартува утре од 20 часот.