Шкендија го избрка, Шкупи го прибира: Ќатип Османи доаѓа на Чаир!

Нецел час откако Шкупи и Булент Акин се разделија после точно 14 дена соработка и два меча, бомбастична вест доаѓа од скопската населба Чаир – поранешниот тренер на Шкендија, Ќатип Османи ќе биде новиот тренер.

Како што објави порталот на албански јазик „Инфоспорт“, Османи и раководството на Шкупи имале разговори и веќе се договориле за соработка, па во следните денови се очекува само чиста официјализација на новиот тренер на тимот од Чаир.

Османи пред нешто повеќе од две недели беше избркан од Шкендија, поради слаби резултати во новата сезона во која не успеа да запише победа во домашниот шампионат, а експресно во четири меча беше исфрлен со тетовци од квалифилациите за ЛШ и за Лига Европа.

Османи е легенда на Шкендија и човек под чија палка тетовскиот клуб ги освои трите титули, прво во 2011 година, а потоа во последните две (2018 и 2019), а беше на чекор да обезбеди и групна фаза во Лига Европа. Сепак, ужасната летна авантура и катастрофалниот старт на сезоната му пресудија, па неговиот претстој во Шкендија заврши, а како што стојат работите, ќе дојде да спасува ситуација во Шкупи. 

Чаирчани веќе имаат две тренерски смени. Сезоната ја почна Умит Каран, кој потоа од приватни причини се повлече со образложение дека не ги исполнил целите за максимален ефект по три кола, а беше заменет со Акин, кој запиша победа и пораз и се раздели со овој клуб вечерва.