Екипата на Пелистер го доби првото македонско „Ел Класико“ сезонава, откако минимално славеше во вечерашната средба на домашен терен под рефлектори против Вардар (1-0), со погодок буквално пред самиот последен свиреж на главниот судија.

Херој во битолскиот табор беше капитенот Мирко Ивановски, кој погоди во втората минута од судиското надополнување на крајот, по што еуфорично отиде да слави на трибината со популарните Чкембари. Тоа го чинеше црвен картон, односно втор жолт со оглед што претходно беше опоменат, па мораше пред време во соблекувалната.

Вардарци долго ќе жалат за пропуштената шанса да освојат драгоцени бодови во борбата за опстанок и да стават крај на црната серија, со оглед што ова за нив беше шести пораз во последните седум меча од Првата лига. Црвено-црните го одиграа можеби најдобриот меч сезонава, имаат повеќе зрели шанси за гол, кои, за жал на нивните навивачи, не ги искористија па на крајот дојде казната.

Освен по третата победа сезонава за пелистерци, оваа средба ќе остане запаметена по спектакуларната атмосфера, преполните трибини и пиротехниката, транспарентите и фантастичното навивање на фановите на двата тима. Тоа особено важи за гостите од Скопје, кои имаа поддршка од околу 1.000 комити, кои го оставија гласот и срцето, но не успеаја да им помогнат на своите миленици.