Се формираше здружение за спас на Шкупи, ќе го враќаат - достоинството и идентитетот на клубот!

Преку официјалните гласила на ФК Шкупи излезе соопштение дека е формирано здружение за спас на клубот кое веќе почна да делува, целта е да го врати клубот на нивото кое го имаше во минатото.

Катастрофалното водење на Шкупи во изминатиот период го однесе клубот на дното во Првата лига, ситуацијата е таква што изгледа дека немаат спас од испаѓање.

Под името „Совет за спас и враќање на честа, достоинството и идентитетот на Шкупи“ ќе работи новата група со цел стабилизација на клубот.

Соопштението на Шкупи гласи:

„Почитувани медиуми, граѓани, љубители на спортот воопшто и на фудбалот особено, навивачи на Фудбалскиот клуб Шкупи, Шверцери,

Сведоци сме дека состојбата во клубот била и е алармантна. Сведоци сме дека во изминатиот период, особено во последните 2 3 години, прекумерно се злоупотребувало и манипулирало, а најлошо од сѐ е тоа што се изгубени достоинството и идентитетот на клубот. Ограбено и опљачкано е сѐ што можело да се ограби и опљачка. Клубот и оние кои го водеа клубот во минатото се обвинети за корупција и мито, обвинети се за финансиски злоупотреби, обвинети се за неплаќање на обврските кон играчите и вработените во клубот, обвинети се за сомнителни и фиктивни договори со играчи, вработени и други субјекти, и она што е најлошо за еден клуб и спортско здружение, обвинети се и за местење на натпревари и манипулација со резултати. За сите овие работи имаме докази, потврдени и документирани.

Не случајно, кога зборуваме и разговараме со луѓе со достоинство кои зад себе оставиле резултати и дела, било во спортот, бизнисот или некоја друга област, тие често се двоумат да се приближат за да инвестираат или да го дадат својот придонес.

Меѓутоа, како што и самите гледате, од почетокот на јануари оваа година, во клубот се случуваат движења и промени. Ние, граѓаните, љубителите и симпатизерите на ФК Шкупи, обичните навивачи како и навивачката група Шверцери, одлучивме да ги земеме работите во свои раце. Поради тоа формиравме работна група во форма на Совет за спас и враќање на чесноста, достоинството и идентитетот на Фудбалскиот клуб Шкупи.

Свесни сме дека нѐ очекува многу работа и дека ова е предизвик кој бара голем ангажман, посветеност и труд. Свесни сме дека ќе се соочиме со многу пречки и опструкции. Исто така сме свесни дека немаме магично стапче и дека не можеме да ја смениме состојбата преку ноќ, но ние сме решени овој процес да го истераме до крај.

На некого можеби му ја нарушивме удобноста или можноста за нечесна корист на грбот на клубот, но сме истрајни да поставиме здрави темели во клубот и да ја подобриме секоја слабост или грешка направена во минатото во однос на работите што ги наведовме погоре.

НИЕДЕН ИНДИВИДУАЛЕЦ, КОЈ И ДА Е ТОЈ, НЕ Е НАД КЛУБОТ. Нема повеќе јас го направив тоа кога станува збор за успеси и јас немам вина кога станува збор за неуспеси, туку има ние го направивме тоа или клубот го направи тоа за успесите и јас згрешив и јас преземам одговорност за неуспесите. Секако и ние сме луѓе и грешки можат и ќе ни се случат, но доколку тие не се со задни намери, тогаш сме флексибилни. Нема повеќе лични користи на нечесен начин во име или на грбот на клубот.

Од првиот тренинг на 11 јануари кој беше отворен за јавноста, ни се приклучија многу поддржувачи и луѓе кои сакаат да помогнат. Имаме помош од луѓе, но и донации од бизниси кои ги водат љубители и навивачи на клубот. Се обидовме да создадеме што е можно подобри услови за екипата да продолжи со тренинзите, одигравме два пријателски натпревари како гости и оваа недела ќе имаме уште еден натпревар на нашиот стадион.

За жал, во овој момент имаме забрана за трансфери на играчи и максимално сме ангажирани со сите наши сили да овозможиме таа да биде укината.

Работите за создавање на елементарни услови во соблекувалните и на новата трибина за нејзино лиценцирање за натпреварите од шампионатот продолжуваат. Ги правиме последните подготовки за почетокот на пролетниот полусезон и продолжувањето на шампионатот. Вршиме реорганизација и ги создаваме структурите на клубот. Поставуваме соодветни луѓе на секоја позиција, најдобрите во моментот кои имаат волја и желба за работа и за да го дадат својот придонес.

Исто така ги правиме последните подготовки за зачленувањето во клубот. Ве повикуваме заедно со вашите пријатели и семејства да се приклучите сите, за да бидеме сите заедно во овој процес. За зачленувањето ќе се пополнува формулар со податоци на членот телефон за контакт и е мејл и на тој начин ќе бидете информирани за сѐ во врска со финансиското работење на клубот. Да се биде член на клубот значи да се исполнуваат обврските и да се уживаат привилегиите што може да ги има еден член на ФК Шкупи. На почетокот зачленувањето ќе се врши во просториите на клубот како и на неколку продажни точки во различни населби, а по отворањето на посебна жиро сметка за членарини и донации, тоа ќе може да се врши и преку банкарско или онлајн плаќање.

Уште еднаш ги повикуваме сите граѓани, љубители и симпатизери на клубот, локалните и централните власти и институции, малите и големите бизниси да ѝ се приклучат на иницијативата за спас и враќање на чесноста, достоинството и идентитетот на Фудбалскиот клуб Шкупи“, стои во соопштението.