Ренова (пре)лесно го победи Вардар, голем триумф на Пелистер, прва радост за Пандевци и Борец

Силекс и Вардар после три пролетни рунди во Првата лига се единствените два тима кои не се израдувале на победа, а големи и многу важни победи денеска запишаа Борец, Академија Пандев и посебно битолски Пелистер кој ја утна непобедливата тврдина во Струга со триумфот со гол во втората минута од судиското надополнување.

Игор Пејаковиќ во 90+2-та минута постигна гол со кој ги шокираше стручани, а на Пелистер му донесе втора победа во низа по која овој клуб излезе од зоната за бараж и му го препушти местото на Силекс, кој денеска загуби со 0-1 од Шкупи со гол од пенал преку Фреди Алварез.

Ренова преслесно го суреди актуелниот првак Вардар, па до 27-та минута, во шестминутен блиц даде два гола преку Шефит Шефити и Ремзифаик Селмани од пенал (од 21 до 27 минута), а црвенп-црните останаа со фудбалер помалку после исклучувањето на Мартин Величковиќ-Радуловиќ, па немаа сили за никаква сензација, а Селмани десет минути во вториот дел даде и втор гол за убедлив триумф со кој сепак останува во зоната за бараж.

Марио Крстовски на четири минути пред крајот ѝ донесе прва пролетна радост на Академија Пандев и тоа против незгодната Македонија ЃП, откако Марјан Радески донесе водство во 11-та, а Боби Божиновски израмни единаесет минути во вториот дел.

Пандевци со овој триумф останаа близу до излегување од опасната зона, зашто Ренова е на само бод, Силекс на два, а Пелистер на четири бода разлика.

Голема победа запиша велешки Борец и тоа со два гола во првиот дел преку новите засилувања, Еди Баша во четвртата и Мурат Адили во 45-та минута против фенерџијата Беласица за велешани сега да се израмнат бодовно со Работнички и да имаат засега добра залиха од осум бода од претпоследните пандевци во многу поинтересната битка за опстанокот во која, практично еден-два кикса лесно може било која екипа да ја донесе до дното.

Струмичани, кои успеаа само да израмнат преку Зоран Митевски во 17-та минута останаа на 12 бода и веќе двоцифрена негатива во однос на Ренова во трката за спас, па сѐ повеќе ја губат битката за евентуален опстанок.

ПРВА ЛИГА, 21 КОЛО (14 ЧАСОТ)

Работнички – Шкендија 0-0

Силекс – Шкупи 0-1 (0-0)
Фреди Алварез 78 п.

А. Пандев – Македонија ЃП 2-1 (1-0)
Радески 11, Крстовски 86 – Божиновски 56

Борец – Беласица 2-1 (2-1)
Баша 4, Адили 45 – Митевски 17

Струга Трим Лум – Пелистер 0-1 (0-0)
Пејаковиќ 90+2

Ренова – Вардар 3-0 (2-0)
Шефити 21, Селмани 27 п., 55

ТАБЕЛА: Шкендија 46 бода, Шкупи 40, Македонија ЃП 35, Струга ТЛ 32, Работнички 29, Борец 29, Вардар 26, Пелистер 25, Силекс 23, Ренова 22, А. Пандев 21, Беласица 12.