Регионот шокиран за испаѓањето на Вардар: Jу-гигантот стана македонски второлигаш! (ФОТО)

Силно одекна трагичниот крај на оваа сезона за најтрофејниот македонски клуб Вардар и официјалното испаѓање на црвено-црните во Втората лига, после вчерашниот пораз во Струга со 0-1, па скоро да нема медиум од поранешна Југославија, кој не напиша за пропаста на некогашниот југословенски великан.

Вардар во поранешната држава го освои Купот на СФРЈ во 1961 година и е еден од двата клуба заедно со ОФК Београд (екс-БСК) кои успеале да им земат трофеј на клубовите од големата четворка од формирањето на ју-лигата до средина на 70-те години, а потоа во 1987 година стана првак и играше во Купот на европските шампиони, а сега првпат испаѓа во македонското првенство после 11 титули и пет купови од независноста од Македонија.

„Крај на југословенскиот гигант“, „Црни облаци над Скопје – испадна Вардар“, „Ју-гигантот кој го создаде Панчев, падна во амбис – ќе игра втора лига“, „Славната екипа која до неодамна играше групи во Европа – испадна“....

Ова се само дел од насловите кои се појавија во медиумите во регионов после испаѓањето на црвено-црните, кои во поранешна Југославија се меѓу десетте најголеми клубови, а сега великанот на екс-ју фудбалот дотурка да игра македонска втора лига после турбуленциите, хаосот и финансискиот крах предизвикан со долгот од 3,5 милиони евра и ќорсокакот во кој западна за решение за комплетниот опстанок на скопската гордост.