Речено-сторено: Комити донираа средства за борба против Ковид-19 (ФОТО)

Најверните навивачи на Вардар, членовите на популарната група „Комити“, го одржаа дадениот збор односно ја официјализираа најавата за донирање средства за помош во борбата против пандемијата со коронавирусот со што станаа дел од големото семејство донатори во овие тешки времиња за целиот свет.

Црвено-црните следбеници уште еднаш го покажаа големото срце и демонстрираа човечност и тоа со донација на маски, заштитни ракавици и средства за дезинфекција во Скопската клиника, каде што се води и најтешката битка против невидливиот противник.

„Со цел подобро справување со вирусот Ковид 19, кој доби пандемиски размери, денес ја посетивме Скопската Клиника и дониравме 1000 маски, 40 заштитни мантили и десетици средства за дезинфекција. Истите ќе бидат распределени онаму каде што се најнеопходни. Комитски е овојпат да останеме дома, со тоа ќе спречиме вирусот да се прошири и стигне до оние кои имаат послаб имунитет, до хронично и тешко болните. Заедно да им дадеме шанса и ним за праведна борба и победа. Вашата борба е и наша борба“, напишаа Комити.