Работнички: Секогаш сме за борба на терен, стоиме на располагање на ФФМ!

Во македонскиот фудбал денеска актуелен е скандалот со можниот наместен натпревар помеѓу Работнички и Охрид кој заврши со 8-2 и за кој во ФФМ добиле пријава.

За целиот случај се огласи и Работнички со соопштение преку социјалните мрежи во кое истакнуваат дека се отворени за било каква соработка со Фудбалската федерација на Македонија.

„Фудбалскиот клуб Работнички како клуб со интегритет и традиција апсолутно секогаш е во заложба за максимално спортска и витешка игра на фудбалските терени,  и ќе продолжи да го прави тоа чесно и со единствена намера за почитување на фер-плеј и негување на вистинските спортски вредности.

Клубот ја информира јавноста дека на било каков начин не е вклучен во инсинуациите и можните обиди за задкулисни игри околу резултатот на пријателскиот натпревар против Охрид Лихнидос.

ФК Работнички има единствена цел што е можно подобро да го подготви тимот за вториот дел од сезоната и во таа насока и со чисто спортски намери го одигра натпреварот.

Клубот секогаш ќе вложува максимални напори за чист фудбал и за респект кон противниците и кон натпреварувањето и во таа насока апсолутно стоиме на располагање на Фудбалската федерација на Македонија за било каква помош и соработка“, стои во соопштението на клубот од Дебар Маало.