СКАНДАЛ: Охрид намерно примил осум гола од Работнички – ФФМ пријавил местенка до МВР!
Индициите биле дека охриѓани намерни примале голови со цел да се исполнат одредени услови за игрите на голови во светските обложалници. Неофицијално, на овој пријателски меч биле „свртени“ 70.000 евра што е огромна сума за пријателски меч од ваков ранг. Сведоци кои го следеле мечот потврдуваат дека охридските фудбалери буквално стоеле за да примат голови од збунетите фудбалери на Работнички, кои целосно се амнестирани од учество во било какви нелегални работи. Најверојатно во игра не бил ниту тренерот на охридскиот второлигаш, кој среде натпревар ја напуштил клупата, на која останале директорот Гоце Толески, инаку поранешен репрезентативец, како и секретарот на клубот. Пред мечот, наводно од нив, била дадена директива средбата да заврши со „седум плус“ и Охрид да загуби со најмалку четири голови разлика.
Од Куќата на фудбалот веднаш по добиените индиции за местенка го информирале Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што веќе почнале истрага и земале изјави од дел од актерите во овој скандалозен дуел. Срамот е уште поголем ако се знае дека Охрид е лидер во Втората лига по есенскиот дел од сезоната, со сериозни амбиции за враќање во елитата како клуб финансиран од општината, која дефинитивно ќе биде погодена ако се потврдат срамните обвинувања на сметка на „рибарите“.