Прволигашите му вртат грб на Сејдини, тој ги нападнал: Допрва ќе видите кој сум јас!

Бурна седница на новоформираното Здружение на прволигаши при Фудбалската федерација на Македонија, се случи попладнево во просториите на Куќата на фудбалот.

Причина за ова беше т.н. фамозно писмо кое периодов циркулира кај македонските клубови учесници на Првата и Втората лига, во кое се бара усогласување на Статутот на ФФМ со Законот за спорт, кој предвидува токму екипите да имаат претставници во Собранието на ФФМ, а не како што беше досега, делегати од општински фудбалски сојузи.

Токму овој предлог и барање не му идат во прилог на новоизбраниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кој пред неполн месец беше избран за лидер на мак-фудбалот, но во избор кој е спротивен на Законот за спорт.

На денешниот состанок, претставници на петпрволигаши потврдиле дека го потпишале писмото со кое бараат поголемки права (нивни претставници во Собранието на ФФМ) и дека не сакаат да учествуваат во Лига која ја организира раководство на федерацијата кое е избрано и работи спротивно од Законот за спорт.

Работнички, Беласица, Академија Пандев, Силекс и Победа се екипите кои први се потпишале на писмото, а на денешниот состанок тоа и јавно го соопштиле. Но, по некое време во салата за состаноци влегол претседателот Сејдини и почнал со груби зборови во стилот „допрва ќе видите кој сум јас“, да им се обраќа на „непослушните“.

Најмногу „настрадал“ претседателот на Победа, Миле Спиркоски, кон кого Сејдини се нафрлил со зборовите „мај*ун“.

„Почна да ми се заканува и да ми вели ‘ти ли ќе збориш тука, мај*ун еден’, потоа продолжи во нервозен тон да се обраќа кон сите. А, не знам зошто така, кога немаше причина, оосбено што тој не беше воопшто споменат“, вели Спиркоски.

Прилепчанецот додава дека Сејдини сакал да се вмеша во нивната дискусија, а тие одбиле, зашто сакале да формираат заеднички став за „фамозното писмо“.

„Сите реагиравме дека општинските фудбалски сојузи се најголемо зло на мак-фудбалот. Ние на пример од Победа, немаме претставник во ОФС Прилеп, туку таму членува, колку и да звучи небулозно - Ванчо Костадинов од Штип.

Потоа го прашав Сејдини дали знае дали постои ОФС Пробиштип, не добив одговор, останатите екипи запрашаа дали е вистина дека има општински сојузи кои немаат воопшто клубови – и ти не добија одговор.

Наместо тоа, добивме понуда од Сејдини, Здружението да дава 2-3 делегати во Собранието, што веднаш ја одбивме. Ние сакаме да одлучуваме директно, не сакаме да одлучуваат политичари, неспортски луѓе. А токму тие се сега членови на Собранието на ФФМ“, објаснува претседателот на Победа.

Сега во Собранието на ФФМ владее систем како во Северна Кореа, постои гласачка машинерија која само одобрува сѐ што ќе ѝ се стави под нос.

„Тоа и го реков. Дали ние имаме фудбал на плажа, а има делегати. Не сакаме да сме дел од гласачката машинерија. Сакаме да се почитува Законот, само тоа го бараме. Срамота е едни Вардар и Работнички 15 години да немаат свои претставници во Собранието на ФФМ“, вели Спиркоски.

Според најавите и од другите присутни на денешниот состанок, донесена е одлука прволигашите да побараат средба со Агенцијата за млади и спорт, а потоа на заеднички состанок на кој ќе биде и раковдството на ФФМ, да се реши овој проблем.

Ренова денеска не била присутна на состанокот, зашто раководството на тимот од Џепчиште го бојкотира новиот претседате на ФФМ, но оттаму дале поддршка за барањата од писмото.

Останатите екипи кои сѐ уште не се потпишале (Вардар, Шкендија, Шкупи и Македонија ЃП), изјавиле дека дека многу брзо ќе се произнесат и тие за ова барањето на останатите прволигаши.