Стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп наскоро ќе блесне во полн сјај, откако одамна започна реконструкцијата на стадионот во најфудбалскиот град во Македонија.

Во полн ек е реконструкцијата на теренот, веќе е поставена дренажата, а од трибините се извадени столчињата и се очекува да бидат поставени нови, а патем се инсталира и осветлувањето, откако беа донесени рефлектори. Се очекува веќе од идната година, Победа да се врати на својот стадион и да има перфектни услови за игра.

Се на сè, Македонија ќе добие уште еден убав стадион на кој ќе може да се играат европски мечеви, но и мечеви на репрезентацијата и најсилната селекција по повеќе од една деценија повторно да се претстави пред прилепската публика.

Пред два месеци, стадионот „Младост“ во Струмица блесна во полн сјај откако беше нашминкан со изградени две дополнителни трибини за да може македонската репрезентација да ги одигра последните два меча во квалификациите за СП 2018 со Албанија и со Лихтенштајн.