Потврдени промените во Пелистер: Александар Стефановски нов извршен директор

Од редовите на Пелистер денеска информираа дека е одржано собрание на акционерите на клубот каде што се потврдени промените во раководството.

Имено, битолскиот клуб ги прифати оставките на: Митко Стојковски, Тони Мицевски, Пеце Цветковски и Златко Деловски, но и именуваше нови лица.

За нов извршен директор назначен е Алекандар Стефаноски кој е дел од оделнието за јавни дејности и директно вклучен во областа на спортот при Општина Битола. Стефановски најави и дека наскоро ќе биде потврден новиот тренер, откако во текот на вчерашниот ден беше потврдена разделбата со Срѓан Захариевски.

„Ми причинува задоволство што ми е доверен овој нов почеток на клубот. Наскоро ќе го промовираме новиот тренер, кој ќе добие поголеми ингеренции и околу спортската структура на клубот. Веруваме дека ФК Пелистер АД е на вистински пат и ќе го продолжи развојот“, изјави Стефановски.

Сашо Здравевски ќе ја извршува функцијата на технички директор, додека Марјан Секуловски како што беше претходно најавено ќе биде кординатор на младинската школа.