Ужасот потврден: Вардар го има најлошиот старт на една сезона во – историјата!
Црвено-црниоте по вечерашниот пораз на гости кај Пелистер (0-1) го има својот најлош старт на една сезона во клупската историја. По 13 одиграни кола, тимот има само осум освоени бодови – резултат што го нема постигнато во ниту една од 31 претходна сезона во македонската елита. Со само две победи, две нерешени и девет порази, ова е најлошо остварување за вардарци и најава за грчевита борба за опстанок.
Во претходниот најлош старт, во сезоната 2010/11, Вардар имаше девет бодови по 13 натпревари и потоа испадна во Втората лига. И во неколку други наврати во последните деценија ипол имало лоши почетоци (никогаш со помалку од девет бодови), но разликата е што тогаш екипата поради финансиски проблеми или била составена од младинци, или во последен момент бил „скрпен“ некако тим микс на ветерани и таленти со цел само да се одигра. Овој пат, до црниот епилог е дојдено со седум странци во тимот, со потрошени 500.000 евра само досега (информации од клубот) и тоа во период кога македонскиот клупски фудбал е далеку послаб во однос на претходните времиња.
Колку за споредба, Црвена звезда има вкупно девет порази во последните осум години во Србија, Партизан има осум порази во цела мината сезона плус досегашнава, а Динамо Загреб има седум порази во цела мината сезона плус сегашнава. Вардар само во ова првенство веќе има девет порази на 13 средби.