Последен шампионски тест за Шкендија, пелагониско дерби за опстанок

Последната четвртина од оваа прволигашка сезона почнува денеска со вонредното 28. коло во кое две големи дербија ќе бидат во фокусот, едно за шампионската титула, а второто за директното преживување во македонската фудбалска елита.

Шкендија е на прагот официјално да се круниса за нов шампион, вторпат во историјата, а тетовци попладнево во првиот меч од ова вонредно коло (15 часот), гостуваат кај Вардар на Националната Арена „Филип Втори“ во последното дерби за сезонава, на кое тетовци посакуваат да го направат последниот крупен исчекор кон трофејот. Шкендија патем нема примено гол уште од првото пролетно коло, кога Бобан Грнчаров погоди во ремито 1-1 во третото сезонско дерби.

Шкендија има 20 бодови предност пред скопјани, но нема да имаат шанса на „Филип Втори“ да прославуваат титула, туку ќе мора да го сочекаат викендот за пред своите гледачи да се радуваат на втората круна во историјата. Сепак, Вардар иако без поголем мотив ќе се обиде да одигра за својата гордост, па ако им е за утеха дури и да бидат подобри во меѓусебниот прволигашки дуел затоа што досега по три меча, двата најмоќни тимови во Првата лига имаат по една победа (Шкендија дома со 2-0, Вардар дома со 4-2) и едно реми (1-1).

И додека битката за шампионскиот трон е решена, а се очекува само формална официјализација на тетовци за нови шампиони, битката за опстанокот продолжува во пеколно темпо. На „Тумбе Кафе“ се игра пелагониското дерби Пелистер - Победа, кое за жал решава кој ќе опстане во оваа конкуренција. Прилепчани имаат само бод повеќе од битолчани, па сооглед дека Шкупи е на пет бода од зоната за бараж, реми би било најнепосакуван резултат од двата тима, па сето тоа е најава дека може да има големи возбудувања на овој меч.

И Скопје не е далеку од опстанокот, без оглед што во неделата загуби првпат пролетва, дома од Работнички, па сега во Кичево против третиот Силекс ќе се обиде да ја врати самодовербата со нови бодови и да ја продолжи својата битка за опстанокот. „Пиратите“, како и Пелистер се на бод зад Победа.

Во Турново, Академија Пандев ќе се обиде да ја забележи првата пролетна победа во мечот со Шкупи, а во Тетово, Ренова го дочекува Работнички, па овие два меча се и битка за четвртата позиција на табелата. За поразените, во случај на победи на Скопје и Пелистер би значело повторно враќање во трката за опстанокот и жешка завршница на лигата, кога веќе трката за круната веќе од поодамна е завршена.

ПРВА ЛИГА, 28. КОЛО

„Филип Втори“: Вардар – Шкендија (15 часот)

Тетово: Ренова – Работнички (16 часот)

Турново: А. Пандев – Шкупи (16 часот)

„Тумбе Кафе“: Пелистер – Победа (16 часот)

Кичево: Скопје – Силекс (16 часот)

ТАБЕЛА

Шкендија 69 бода, Вардар 49, Силекс 41, Работнички 35, А. Пандев 32, Ренова 31, Шкупи 30 (-1), Победа 25, Пелистер 24 (-1), Скопје 24.