Полски тим понудил 150.000 евра за капитенот на Брера – струмичани побарале 200.000!

Фудбалерот од редовите на Брера Мартин Ѓорѓиевски се најде на мета на полскиот вицешампион Раков кој веќе испратил понуда до струмичкиот клуб.

Според информациите на порталот „meczyki.pl“, понудата за Ѓорѓиевски изнесувала 150.000 евра плус 20% од сумата од следниот трансфер на 20-годишниот фудбалер.

Сепак, како што се наведува во текстот тоа не било доволно и во Брера побарале 200.000 евра за еден од своите најстандардни фудбалери во изминатата сезона. Се споменува и опција Ѓорѓиевски да биде откупен од Раков, но да остане во Брера уште една сезона како позајмен фудбалер. 

Во дресот на Брера, Ѓорѓивски изминатата сезона во ПМФЛ одигра 28 натпревари во кои постигна девет погодоци и запиша осум асистенции. Исто така додаде и уште три настапи во Купот на Македонија и уште еден за младинскиот состав на Брера во Лигата на шампионите каде што на тој натпревар постигна и два погодоци.

Ѓорѓиевски покрај настапите за Брера е стандарден и во младинските селекции (У17, У19, У21) на Македонија каде што собра вкупно 45 настапи и постигна четири гола. Според познатиот „Трансфермаркт“ вредноста на Ѓорѓиевски се проценува на 500.000 евра.