Петковски пак клучен за победа на Вардар, победија и Воска и Силекс

Само три дена после хет-трикот против Велешта, Филип Петковски повторно беше клучен за нова победа на најтрофејниот македонски клуб Вардар, кој денеска во претпоследното есенско коло славеше со 1-0 на гостувањето кај Беса од Добри Дол во Боговиње.

Петковски даде гол на 12 минути пред крајот за да го остави жив Вардар во трката за барем второто место кое носи бараж за пополнување на Првата лига, откако главниот ривал Воска победи на гости со 2-1 кај Велешта, додека лидерот Силекс без преголеми проблеми го победи Тетекс со 3-1 за да го продолжи спринтот кон враќање во прволигашката конкуренција.

Елмир Алии во 11-та и Наум Велљановски во 68-та на Воска ѝ ја обезбедија победата кај Велешта, додека Силекс во првиот дел реши сѐ, откако Сашо Дуков даде два гола (20., 33.), а Јордан Серафимовски еден (41. минута).

Вардар со победата остана на три бода зад Воска Спорт, додека Силекс е убедлив лидер со 12 бода повеќе од црвено-црните, а девет пред второпласираниот охридски тим.

Охрид со 4-2 го победи Гостивар, а Кораб славеше кај Кадино со 3-1 за да дојде до четвртото место на табелата после ова 14-то коло во Втората лига – Запад.

Во последното коло викендов што доаѓа од оваа есенска полуетапа, Вардар ја има најлесната задача против последниот Кадино, Воска ја пречекува Беса, а Силекс гостува кај Велешта, додека во останатите два меча играат Кораб – Охрид и Гостивар - Тетекс

ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД

Беса – Вардар 0-1, Силекс – Тетекс 3-1, Велешта – Воска Спорт 1-2, Охрид Лихнидос – Гостивар 4-2, Кадино – Кораб 1-3

ТАБЕЛА: Силекс 38, Воска Спорт 29, Вардар 26, Кораб 19, Тетекс 18, Гостивар 17, Охрид 14, Велешта 14, Беса 13, Кадино 6