Пандев: Оваа ФФМ и Сејдини се најголемото зло на македонскиот фудбал!
Пандев кој е икона на македонската репрезентација, за која играше две децении и летоска после дебито на Еуро 2020 се повлече од националниот дрес повеќе од една година е жесток противник на Муамед Сејдини и актуелното раководство на ФФМ, па многупати досега жестоко ги критикуваше, па како одмазда ФФМ го игнорира и опструира како денеска со неверификувањето на мандатот за делегат.
Пандев за „Спорт 1“ ги прокоментира денешните случувања на редовното Собрание на кое не стана делегат заедно со уште двајца избрани на општинското собрание на ОФС Струмица неодамна.
„Ништо не ме изненадува, познавајќи ги добро луѓето во ФФМ. Знаев дека ќе измислат нешто за да не признаат делегати од Струмица и уште еднаш потврдија колку се служат со 'лоповски' работи. Оваа гарнитура на ФФМ со Мети (Муамед Сејдини – н.з.) на чело се најголемото зло што го има македонскиот фудбал и ако седиме сите уште со скрстени раце, ќе го уништат фудбалот“, вели Пандев.
Калчолигашкиот ас кој во кариерата освои сѐ и летово веќе најави заминување во комплетна фудбалска пензија, најавува дека нема намера да се откаже од битката за смена на ова раководство на ФФМ.
„Јасно ми е дека во Македонија не функционира ништо, ни закон, ни правда, дека луѓе што имаат голема политичка поддршка како Мети сѐ уште го држат на оваа функција. Но, јас не застанувам овде и ќе се бориме за чист фудбал, за луѓе што имаат фудбалска визија, а не личен интерес. Се надевам дека во скоро време ова зло ќе замине во историјата“, додава Пандев.
За крај на челниците во македонскиот фудбал им упати последна порака:
„Доста крадевте луѓе, ослободете го фудбалот“.
ОФС Струмица лани на изборното Собрание не даде делегати и не учествуваше во реизборот на Сејдини, по што сите судии, контролори и делегати на мечевите од овој регион беа суспендирани како одмазда, а Пандев откако почна јавно да го критикува ФФМ, куќата на фудбалот тотално го игнорира, па ниту една благодарница не му даде после заминувањето во репрезентативна пензија.