Шок во Струмица: Новиот суперлигаш му го нанесе првиот пораз на МЗТ
Иако „металците“ подобро го отворија дуелот и во петтата минута имаа предност од осум поени (17-9), домаќинот не дозволи натпреварот да добие едностран тек. Струмичани брзо ја надоместија негативата, па по првите десет минути резултатот беше израмнет – 26-26.
МЗТ успеваше да ја задржи иницијативата во најголемиот дел од вториот период, но Струмица имаше подобар финиш и на паузата замина со водство од 47-44. Во продолжението се водеше голема борба, со чести промени на водството, па пред последните десет минути сè уште беше неизвесно кој ќе се радува на крајот. Одлуката падна во завршницата. При резултат 70-67 за МЗТ Скопје, домашниот состав направи неверојатна серија од 13-0, со која целосно го презеде контролата врз натпреварот. Струмица стигна до највисоките плус 12 (87-75) на стотина секунди до крајот и не му остави простор на шампионот за камбек. Последните моменти само ја потврдија големата победа на домаќините.
Најголем придонес за сензацијата имаа американските кошаркари, кои заедно постигнаа 66 поени. Џејкобс беше прв стрелец на Струмица со 29 поени, Крафорд запиша 21, а Херис заврши со 16. Во таборот на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски беше најефикасен со 17 поени. Шампионот настапи без капитенот Дамјан Стојановски, кој поради скршено ребро ги пропушти и претходните три натпревари. Сепак, отсуството на искусниот кошаркар не ја менува тежината на поразот за скопскиот тим, кој влезе во негативна серија од четири натпревари во сите конкуренции.
МЗТ ќе има можност да се врати на победничките патеки веќе в недела, кога на домашен терен го пречекува Пелистер. Струмица, пак, ќе ја памети оваа вечер по триумфот што ќе одекне во македонската кошарка.