Тиквеш дури денеска по 14 часот во КОМЕТ системот ја приложил белешката за Висдом!
ФФМ информира дека македонскиот прволигаш Тиквеш дури денеска во 14.26 часот во КОМЕТ-системот ја приложил белешката за Окере Ебубе Висдом, додека една минута подоцна лекарската потврда на Милош Спасовски ја променил во статус - неактивен.
„ФФМ, во ниту едно досегашно известување до јавноста или до клубовите, не посочи дека ФК Тиквеш извршил фалсификат на медицински документ на фудбалерот Окере Ебубе Висдом. Информацијата се однесуваше на внесените податоци во системот Комет, каде што во делот за лекарски преглед бил евидентиран документ на име на Милош Спасовски, кој не е член на ФК Тиквеш од 3 септември 2026 година.
Согласно Пропозициите за натпреварување за Прва МФЛ, во член 20, точка 6 стои:
Потврдата за извршен лекарски преглед задолжително се внесува во Комет пред почеток на првенството и по истек на важноста.
Дополнително, денеска, во 14:26 часот, ФК Тиквеш извршил промена во системот Комет, при што во делот за лекарски документ е приложена спортско-медицинска потврда на име на Окере Ебубе Висдом, а исто така, Комет администраторот на ФК Тиквеш, лекарската потврда на име Милош Спасовски ја променил со статус – неактивен во 14:27 часот“, информираат од ФФМ.
Од Куќата на фудбалот велат дека ова не е првпат да се констатираат несоодветно внесени податоци во системот Комет од страна на кавадарчани.
„Притоа, ова не е првпат да се констатираат несоодветно внесени податоци во системот Комет од страна на ФК Тиквеш. Повторувањето на ваквите ситуации отвора сериозни прашања за точноста на податоците што клубот ги внесува во официјалниот систем и за одговорноста на лицата задолжени за нивното ажурирање и контрола. ФФМ потенцира дека за основаноста на жалбата ќе одлучува надлежната Натпреварувачка комисија, исклучиво врз основа на важечките правила и прописи. ФФМ останува посветена на транспарентно информирање, почитување на пропишаните процедури и доследна примена на правилата, со еднаков пристап кон сите клубови“, се вели во соопштението на ФФМ.

