Мбапе направи огромна штета - изгубени милиони евра, Кина ги прекина директните преноси
Контроверзниот исечок потекнува од интервју во кое Мбапе зборувал за мемиња со сопствениот лик. Притоа, се осврнал на монтажа во која бил прикажан како кинески диктатор, алудирајќи на Мао Це Тунг. Иако коментарот бил дел од разговор за интернет-хумор, во Кина предизвика остри реакции поради чувствителноста околу историската личност и начинот на кој таа се претставува.
Последиците не останаа само на критики од јавноста. Неколку кинески компании ја прекинаа соработката со францускиот фудбалер, додека кинеската државна телевизија ги суспендираше преносите на натпреварите од шпанското првенство. Така, случајот прерасна во проблем што ги надминува личниот имиџ на Мбапе и интересите на неговиот клуб, отворајќи сериозни прашања за комерцијалните последици врз целата Ла Лига.
Во обид да ја смири ситуацијата, реагираше претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, кој се обиде да ги поправи нарушените односи со кинеската страна. Потоа јавно се извини и самиот Мбапе, изразувајќи жалење за коментарот и за реакциите што ги предизвикал. Вчера се огласи и Реал Мадрид, упатувајќи извинување до кинескиот народ и нагласувајќи дека клубот има голема почит кон Кина, нејзината историја, култура и граѓани. „Кралскиот клуб“ порача дека сака да ги зачува и зајакне пријателските врски со кинеските навивачи.
Сепак, извинувањата засега не доведоа до промена на одлуката за прекин на преносите. Кинеската медиумска група ги суспендираше натпреварите од Ла Лига, како и содржините и рекламите поврзани со Мбапе. Случајот отвори и поширока дебата за тоа колку далеку можат да стигнат последиците од непромислен јавен коментар во време кога спортот и комерцијалните интереси се тесно поврзани.
Финансиските последици сè уште не се целосно пресметани, но се прептпоставува дека ќе се мерат во стотици милиони евра. Кина претставува огромен пазар за европскиот фудбал, а прекинот на телевизиските преноси и раскинувањето на спонзорските договори може да предизвика значителни загуби за засегнатите страни.
Тебас и раководството на Ла Лига сега се соочуваат со тешка задача – да ја обноват довербата и да спречат контроверзијата поврзана со изјавата на една фудбалска ѕвезда да прерасне во долготраен проблем за целото натпреварување.