Објавен фалсификатот на Тиквеш: Стрелецот на првиот гол со Вардар имал медицинска белешка од друг фудбалер!

Фудбалскиот клуб Вардар поднесе официјална жалба до Фудбалската федерација на Македонија по осминафиналниот дуел со Тиквеш во Купот на Македонија, оспорувајќи го настапот на еден од фудбалерите на кавадарчани. „Црвено-црните“ бараат надлежните органи да утврдат дали биле исполнети сите услови за негово право на настап, а доколку се потврдат неправилности, Тиквеш да биде елиминиран од натпреварувањето.

Жалбата пристигнала во архивата на ФФМ во текот на денешниот ден, неполни 24 часа по одигрувањето на натпреварот меѓу Вардар и Тиквеш. Од скопскиот клуб претходно ја најавија жалбата и во официјалниот записник од средбата.

Предмет на приговорот е Окере Ебубе Висдом, фудбалерот на Тиквеш кој бил дел од почетниот состав на кавадаречкиот тим и кој е стрелец на првиот гол на кавадарчани на овој натпревар. 

Според наводите на Вардар, проблемот се однесува на медицинската документација заведена во системот КОМЕТ на ФФМ.

Во досието на фудбалерот, во делот за задолжителниот лекарски преглед, како приложен документ се наоѓала спортско-медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на преглед од 2 јули 2026 година.

Вардар во жалбата наведува дека Спасовски не е член на Тиквеш од 3 септември 2026 година, со што го оспорува начинот на кој медицинската документација била заведена во досието на фудбалерот што настапил на куп-натпреварот.

Скопскиот клуб се повикува на одредби од Пропозициите за Куп-натпреварувањето за сезоната 2026/2027, како и на членовите од Правилникот за натпреварување на ФФМ што ги смета за релевантни во овој случај.

Барањето на Вардар е јасно: жалбата да биде прифатена, да се утврди дека станува збор за неправилен настап на фудбалерот и Тиквеш да биде отстранет од понатамошните натпревари во Купот на Македонија.