„Газета“ ексклузивно објави како ќе изгледа новиот Сан Сиро – спектакуларно (ФОТО)

Градските фудбалски ривали Интер и Милан планираат изградба на нов заеднички стадион со капацитет од 71.500 гледачи, кој треба да биде целосно завршен во 2031 година, со цел да биде подготвен за ЕП 2032 година.

Официјалниот проект и визуелизациите за новиот дом на миланските гиганти ќе бидат претставени денеска, додека почетокот на градежните работи е планиран за втората половина на 2027 година, по завршувањето на потребните административни постапки. Како што објавува италијанскиот весник „Газета дело Спорт“, овој модерен објект треба да донесе сосема ново искуство за навивачите и да означи нова ера за двата клуба.

Архитектонскиот план предвидува овална издигната конструкција со паркинг сместен под самиот објект, како и трибини распоредени на две нивоа. Особено внимание привлекува нивниот наклон од 37 степени, специфичен дизајн директно инспириран од познатиот „Жолт ѕид“ на стадионот на Борусија Дортмунд, чија цел е навивачите да бидат поставени што поблиску до теренот за создавање врвна фудбалска атмосфера. Еден од највпечатливите надворешни елементи ќе биде фасадата со ЛЕД-осветлување која за време на натпреварите ќе ги добива боите на клубот-домаќин – црвено-црната за Милан и сино-црната за Интер. Внатрешноста ќе биде опремена со големи екрани и ЛЕД-прстен за прикажување информации и реклами, додека самиот терен и покривот ќе бидат целосно фиксни.

Во согласност со модерните трендови кои ги обединуваат технологијата и комерцијалните можности, значителен дел од капацитетот на новиот стадион ќе биде наменет за ВИП-гости, деловни партнери и компании. Овие ексклузивни зони ќе опфаќаат помеѓу 8.000 и 13.000 места, вклучувајќи приватни ложи и апартмани.