Ѓорческа испушти голема шанса за четвртфинале во Истанбул

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во четвртфиналето на турнирот од серијата ВТА 125 во Истанбул, откако во осминафиналето загуби од Ребека Сербан од Кипар со 1-2 во сетови.

Ѓорческа одлично го отвори мечот и го доби првиот сет со убедливи 6-0, најавувајќи дека може да стигне до нов значаен резултат на турнирот во Турција. Македонската тенисерка целосно доминираше во воведниот сет, не оставајќи ѝ простор на противничката да се наметне во играта.

Сепак, Сербан успеа да направи пресврт. Во вториот сет возврати со 6-1, а потоа ја потврди победата со уште 6-4 во решавачкиот сет, со што обезбеди место меѓу најдобрите осум тенисерки. Натпреварот траеше два часа и една минута, а Ѓорческа, која на турнирот настапуваше со ранкинг од 370. место на ВТА-листата, не успеа да ја искористи предноста по убедливото издание во првиот сет.

Нашата тенисерка вчера ја совлада третата носителка на турнирот Ченгиз поради што се очекуваше триумф денеска, но до тоа, за жал, не дојде.