Тиквеш се соочува со многу посериозен проблем - спорниот Нигериец Висдом има(л) нерегуларен престој во земјава?!

Случајот со фудбалерот на Тиквеш, Окере Ебубе Висдом, би можел да добие многу посериозни димензии од спорната медицинска белешка со која настапи вчера на дуелот со Вардар и која наводно, по грешка била внесена во системот со идентитет на друг фудбалер.

Покрај сомнежите дека Нигериецот настапувал со медицинска белешка што не била негова, Спорт1 неофицијално дојде до информации дека Висдом во моментов најверојатно престојува во Македонија со истечен дозволен престој за странски државјани.

Според информациите со кои располагаме, неговото барање за продолжување на престојот било одбиено поради некомплетна документација.

Доколку овие информации се потврдат, Тиквеш би можел да се најде во ситуација во која медицинската белешка ќе биде само еден дел од многу посложен случај.

Прашањето тогаш не би било само како туѓ медицински документ се нашол во системот и дали станува збор за административна грешка, туку и дали биле исполнети сите законски услови за фудбалерот да престојува во земјата и да ги извршува своите професионални обврски.

Медицинската белешка можеби е само почетокот на проблемите на Тиквеш. Вистинскиот проблем за кавадарчани би можел да се крие во документацијата и законитоста на престојот на нивниот фудбалер во Македонија.