ФФМ не му даде на Горан Пандев да стане делегат на Собранието!
Пандев беше еден од тројцата делегати што ОФС Струмица на своето Собрание ги избра заедно со Ѓорѓи Гоцевски и Ванчо Коцев на 28 февруари годинава, но ниту еден од тројцата струмички делегати денеска на Собранието не беа верификувани со мандат, па Пандев иако избран од својот матичен општински сојуз се соочи со нова опструкција од раководството на ФФМ.
Од ФФМ добивме информација дека процедурата за избор на делегати преку ОФС Струмица не била испочитувана и поради тоа никој од делегатите од овој ОФС не биле верификувани, а со тоа не присуствуваа на денешното редовно Собрание
„Ниту документацијата, ниту процедурата, ниту роковите не беа испочитувани. Откако од страна на ФФМ им беше побарано да достават целосна документација, немаше одговор, ниту пак ја доставија бараната документација“, е образложението од ФФМ.
Пандев повеќе од една година е во војна со актуелното раководство на ФФМ предводено од Муамед Сејдини, постојано критикувајќи го за „неработата во фудбалот и исклучиво за лични интереси со своите соработници“, па ФФМ на секој начин во изминатиов период го игнорира рекордерот по број на настапи (122) и број на голови (38) за националниот тим, ниту му даде благодарница за настапите за Македонија после пензионирањето, а дури и го изостави за календарот после најуспешната фудбалска година со настапот на Еуро 2020, на кое отидовме со негов гол во Тбилиси, а и првиот гол на големите турнири го постигна струмичанецот.
ОФС Струмица лани не избра делегати за изборното Собрание на ФФМ, на кое Сејдини доби четиригодишен мандат, па ФФМ се реваншираше со суспензии на судии, контролори и делегати на мечеви од овој голем фудбалски регион и центар. Пандев, пак, секојапт ја критикуваше ФФМ, почнувајќи од поделените премии за пласманот на Еуро 2020 меѓу фотелјашите во УО, па сѐ до последните напади дека „се градат терени за да се полнат сопствени џебови“.