Грнчаров: Ова е послатко и од пласманот во Лига Европа – вредеше за сите маки и нервози!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар по двегодишното талкање во второлигашката конкуренција, по целата агонија со беспарица, оставен како сирак без никакви минимални услови за тренинг, со едвај почнати зимски подготовки, успеа да се врати каде што му е местото - во Првата лига, најмногу благодарение на одлучноста, желбата и љубовта кон клубот, предводен од тренерот Бобан Грнчаров.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Да беше некој друг клуб кој не се вика Вардар, тешко дека на сета агонија ќе доживееше крај на сезона. Но, Вардар е многу повеќе од клуб, Вардар е една љубов и еден живот, па настрана измачувањата, стресовите, нервозите, најновите херои останаа сплотени и одлучни и бесплатно да успеат да го вратат великанот во прволигашката конкуренција. Го направија на најспектакуларен начин - со најдобриот меч во сезоната!

„Ова ми е најслатка победа, не зборувам само како тренер зашто многу кратко сум тренер, туку и како фудбалер. Ова е историска победа, нешто неверојатно, зашто сѐ најлошо што може да постои во фудбалот ние го доживеавме и преживеавме – од немање топки, немање услови за тренинг, немање вода... Да не набројувам со што сѐ се соочувавме - една катастрофална сезона. И оваа победа и овој пласман во Прва лига е шлаг на тортата кој ни симна цел еден товар на сите нас во Вардар од играчи, стручен штаб, спортскиот директор, па сѐ до навивачите. Сѐ се исплатеше, сета жртва и сѐ вредеше“, вели Грнчаров, полн со емоции по вчерашниот историски успех.

Цела година Вардарци истрпеа разноразни перипетии, од празни и лажни ветувања дека ќе се средат состојбите, од немање најосновни услови за тренинг, талкања каде да се тренира, каде да се игра... Било кој во таква ситуација ќе кренеше раце, ама не и фудбалерите, не и Грнчаров како тренер со стручниот штаб, не и Александар Бајевски како спортски директор и секако на крајот иако најважни - единствените кои никогаш не го напуштаат миленикот, навивачите Комити.

„Секоја мака, секоја нервоза, дали ќе тренираме или не, а имаше денови кога не трениравме, после ова – вредеше! Ова со пари не се купува, ова е чиста љубов! Вардар е наш клуб, многумина од нас израснавме во Вардар и затоа истрпевме, преживеавме. Во некој друг клуб ова немаше да се издржи што нас ни се случуваше. Но, таа љубов беше преголема, а секоја чест и за останатите фудбалери кои не се вардарови деца, но се однесуваа како од прв ден да се во Вардар“, посочува Грнчаров.

Популарниот Грне беше капитен на Вардар во „златната ера“ на клубот кој во 2017 година испиша историја со пласманот и настапот во Лига Европа, а многу брзо потоа почнаа турбуленциите, кои во неколку години го донесоа Вардар во Втора лига и во агонија. За многумина вчерашната победа во Кавадарци е рамна на чудото со Фенербахче, а Грнчаров ги искуси и двете – Лига Европа како фудбалер, а Кавадарци како тренер.

„Историја беше пласманот во Лига Европа, историја е ова враќање во Прва лига и драго ми е што бев дел и од двата историски успеси. Лига Европа е едно прекрасно чувство, горе-долу во Вардар тогаш беше средено, имавме база, нормални тренинзи, обезбедено сѐ што треба. Сега немаме буквално ништо, а направивме огромен успех против екипа која е цврст противник, која има искуство од вакви мечеви, цела деценија постојано се бори во и за Прва лига и ние одигравме перфектно. Послатка ми е оваа победа од таа за Лига Европа“, вели Грне.

Како фудбалер има богато искуство, но како тренер лани пред крајот на првата второлигашка сезона Грнчаров заплива во тренерските води како прв тренер, откако кратко во сезоната кога испаѓаше Вардар влезе како помошник во тогашниот стручен штаб на Никола Глигоров.

Вардаровото дете, кое проникна од Вардар и направи одлична кариера, беше и репрезентативец, доби шанса и како тренер и сѐ што се вложи во вакви услови ги заслужи сите аплаузи, како и секој што сезонава беше дел од црвено-црното семејство.

„Вардар е прво мое искуство како тренер, Вардар и спортскиот директор Александар Бајевски ми даде шанса која се надевам дека ја оправдав. Бевме во ситуација што не се издржуваше и не знам дали би можел во ваква актуелна ситуација без никакви услови да останам. Сѐ беше мачење, невавме ни вода, а ни сам не знам зашто останав, но тоа го направив најмногу поради играчите. Тие го носеа товарот и не беше фер кон нив да ги напуштиме“, потенцира Грнчаров.

Низ историјата Вардар изродил многу големи фудбалски имиња, многу херои, многу миленици на скопјани, ама овој тим и овие фудбалери, после сѐ што преживеаја, истрпеа и поминаа, се – повеќе и од херои.

„Овие момци се херои, за тој товар што го понесоа, за сѐ низ што поминавме. Чудо се случи, а ние најдобриот меч на сезоната го одигравме кога беше најважно меч. Можевме да победиме уште поубедливо и тоа немаше да биде случајно, зашто од првиот меч игравме чесно за разлика од другите екипи. Јас на фудбалерите им реков: 'момци вие сте херои со самото тоа што останавте во Вардар, ама ќе бидете уште поголеми херои ако испишете историја. Имаме 90 минути после кои 90 години ќе нѐ паметат'. Сѐ е знае низ што сѐ поминавме и ова е за снимање филм, низ какви сѐ нервози и стресови поминавме, од бркања од хотели, платено-неплатено. Ние немавме ручек помеѓу два тренинзи и не можам да не им се заблагодарам на кафеаните на Боемска, од Гостилница Чардак, Боемска кафана, Двор, Гоце Рагуза, каде што имавме бесплатни ручеци. Да не беа тие ќе немаше фудбалерите каде да јадат и од дома директно ќе доаѓаа на мечеви. Смешно, а истовремено е и жално за ваков бренд. Но, добро е што влеговме во Прва лига, ни падна сиот товар и јас им се заблагодарувам на сите фудбалери, на сите помошници, на спортскиот директор“, вели Грнчаров.

Ако некој директно го спаси Вардар, настрана одлучноста на фудбалерите да истрпат и без пари само за да го вратат потонатиот гигант на старите патеки, тоа беа најверните Комити, кои со сите свои акции, собирање на пари за да се платат најосновните потреби од организација на мечеви на стадион, па и велигденска мала помош за фудбалерите, се главни зашто Вардар опстои.

„Тоа вчера што го направија Комити – тоа е атмосфера за Лига на шампиони. Тие се најзаслужните, зашто ние немаше ни да почнеме со подготовки да не беа навивачите. Тие донесоа пари за да почнеме, им дадоа некаква помош на фудбалерите за да тргнеме со подготовките. Едноставно – Комити го спасија клубот од тотален распад“, потенцира Грнчаров.

Вардар имаше еден клучен период со два порази и реми во три дербија (Беса 1-2, Гостивар 0-0, Воска 1-2) после кои се појавија сомнежи дали тимот ќе има сила да ја издржи битката и да ја оствари целта. После сѐ, за Грнчаров ваквиот расплет излезе и – поубав и посладок

„Тој период се соочивме со многу ветувања, многу лажги, но сите ние во тимот бевме обединети заедно и во добро и во лошо, ама психолошки не бевме спремни. Имаше многу лаги и кога не си чист во главата се случуваат падови. Тоа ни се случи со Беса после наше водство, да примиме потоа два гола. Со Гостивар 45 минути имавме фудбалер повеќе, одигравме добро прво полувреме кога имавме шанси, а една минута не издржавме со Воска. Да освоевме четири до шест бода ќе се пласиравме директно во Прва лига, ама немаше да го почувствуваме и да го видиме ова сега што го доживеавме. Немаше ова да се случи, немаше да има вакво македонско обединување, таа сплотеност на цела Македонија, не само на Скопје. Сега ми е послатко“, додава вардаровиот кормилар.

Вардар влезе во Прва лига, но допрва следуваат главните битки за иднината на клубот. Комити веќе тргнаа во акција за преструктуирање, изнаоѓање на долгорочно решение за финансиите, за долгот кој го гуши Вардар оставен од претходното раководство, преземен од сѐ уште актуелниот газда кој се обврза да го врати, ама ништо не подмири.

„Ние и пред овој бараж меч разговаравме, што ако влеземе ако ситуацијата не се смени во Вардар? Има најави од Комити, кои веќе почнаа сериозно да работат за изнаоѓање на решение и ветувања дека ќе се најдат финансии, прво да се исплатат фудбалерите, стручниот штаб и директорот кои цела година ја одиграа без пари, а второ со пласманот во Прва лига, нема фудбалер што нема да сака да игра за Вардар, со ваква атмосфера, поддршка. Стабилен Вардар може во идната сезона да направи бум, ама без финансии – не! Се надеваме дека ќе се најде вистинско решение, најавено е дека 10-11 општини ќе помогнат, еве Кисела Вода веќе и помогна“, вели Грнчаров, додавајќи дека државата пред сѐ, ама и македонските фирми и бизнисмени мора да помогнат зашто станува збор за најголемиот македонски бренд.

„Државата мора да помогне, град Скопје, фирми, македонски бизнисмени. Зошто да не се спаси еден македонски бренд. Македонија има еден Пелистер, Вардар, клубови со феноменална публика и жално е да не се дел од елитата, а фудбалот се игра за плублика. Како е во Србија? Ц. Звезда и Партизан, државата им помага, а имаат по 20-30 милиони евра долгови. Која е поентата мали клупчиња, кои имаат 30-40-50 гледачи да влегуваат во Прва Лига, така само се уништува фудбалот“, посочи Грнчаров.